20/04/2024
Спорт

Премиерот Ковачевски присуствуваше и се обрати на спортската манифестација „Спортисти на годината 2022”

Премиерот Ковачевски вечерва присуствуваше и говореше на спортската манифестација „Спортисти на годината 2022”.
 
Премиерот истакна дека вечерашниот настан е во чест на спортот, во чест на сите наши спортски херои кои годинава нѐ направија горди со нивните победи.
 
Во продолжение е целото обраќање на премиерот Ковачевски:

„Денес сме тука во чест на сите наши големи спортисти, во чест на спортот, тука сме да оддадеме почит кон сите наши спортски херои кои годинава нѐ направија навистина горди со нивните настапи и нивните победи.

 
Сакам на сите спортисти, федерации и спортски работници кои беа вечерва на сцената да им честитам на успехот и наградите, јас сум навистина почестен што имам можност да застанам денес тука, и да им посакам уште многу успеси и понатаму на оние кои се натпреваруваат.
 
Сите ние живеевме за нивните успеси и навивавме за македонската репрезентација.

Вашите успеси годинава на дело го покажуваат она кое го говорам често, дека кога напорно се работи, нема недостижна цел. Вие сте нашата гордост и пример како се бранат македонските бои, вие сте еден од нашите најголеми промотори во светот и за тоа Ви благодарам.

За вас сите имам само восхит, и затоа од мое име и од името на граѓаните на Северна Македонија ви посакувам многу награди, и уште многу успеси во иднина.

Ние како Влада се залагаме за афирмација на врвниот спорт, зголемување на бројот на жени во спортот, квалитетна спортска инфраструктура, подобрување на статусот на спортистите и спортските работници, афирмација на олимпизмот.

 
Не би должел многу. Директорот на Агенцијата за спорт и млади кажа доволно за она што го правиме во делот на спортот, знам дека сите ги очекуваме последните две награди, спортистка и спортист на годината.

Спортистка на годината, за 2022 година е Оливера Наковска Бикова.

Спортист на годината, за 2022 година е Владимир Егоров.”

За Владата на Република Северна Македонија спортот е важна алка која придонесува кон развој на прогресивно и инклузивно општеството. Спортот има значајна улога во подигнување на социјалната вклученост, во градење на отворени, толерантни општества затоа што спортот ги учи вредностите на тимската работа, дисциплината и лидерството како и на наградата за напорната работа и за постигнатиот резултат.

Владата континуирано создава услови за непречено спроведување на активностите на спортските федерации, клубови и индивидуални спортисти и континуирано да вложуваме, да обезбедува услови за квалитетни спортски можности и да помага кога е најпотребно.