29/03/2024
Македонија

Пријави кршење на здравствените протоколи за заштита од коронавирус и недозволено групирање на журки

Во насока на доследно и целосно почитување на уредбите на Владата на Република Северна Македонија, односно мерките и активностите за справување со пандемијата со коронавирус, Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека е ставен во функција бесплатниот телефонски број 0800-00-201  и меил адресата  mvrinformaciiuslugi@moi.gov.mk, на кои граѓаните анонимно можат да пријават групирање и организирано прославување во текот на претстојните празници. 

Имено, граѓаните можат да пријават (локација) и недозволено собирање на луѓе спротивно на мерките пропишани  за справување со пандемијата. 

Полицијата ќе постапи по пријавите и ќе преземе мерки во координација со јавното обвинителство за санкционирање на непочитувањето на мерките и препораките кои произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразни болести односно Одлуките кои ги носи Владата на Република Северна Македонија. 

Министерството за внатрешни работи ја цени заложбата на граѓаните во насока на спречување на пандемијата и зачувување на јавното здравје и уште еднаш смета на партнерската улога која ја имаат граѓаните со полицијата. 

МВР во пресрет на претстојните празници уште еднаш апелира до граѓаните да се воздржат од групни собирања  и прослави, да ги почитуваат мерките на Владата, а се со цел заштита на индивидуалното и јавното здравје. #ПразнувајОдговорно