25/04/2024
Македонија

Промовирана мобилна апликација за постапување на полициските службеници за време на изборите.

Една од примарните задачи на полицијата, меѓу другото, е и воспоставување на начелото на континуирана едукација, односно стручно усовршување на полициските службеници, не само во поглед на секојдневното работење, туку и во поглед на настани, како што впрочем се и претстојните парламентарни избори, што, исто така, претставуваат законски нормирана обврска и должност на полициските служби, рече министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев на презентацијата на мобилната апликација за постапување на полициските службеници за време на изборите, која се одржа во Министерството за внатрешни работи. Како што истакна министерот Чулев, оваа апликација, која е направена во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, им овозможува на полициските службеници во кое било време, преку своите мобилни телефони, да имаат точен увид во законската регулатива, а како потсетник за нивно постапување во специфични ситуации.

Aпликацијата како модерна алатка, со своите визуелно- текстуални перформанси, е достапна и на пошироката јавност со помош на лесно симнување од интернет страната на МВР. Значи, не само што на овој начин се скратува времето за обука и се врши соодветно искористување на обучувачките и другите ресурси, туку се овозможува уште поквалитетна транспарентност околу е-обука на полицијата, така што граѓаните ќе бидат запознаени со целосната нејзина содржина, рече министерот Чулев.

Практично ние, а благодарение и на успешната и континуирана соработка на МВР со Мисијата на ОБСЕ, продолжуваме со градењето на нов модерен концепт во едукацијата и професионалното усовршување на вработените во МВР, зголемувајќи ги нашите стручни, но и професионални капацитети во ефикасно остварување на зададените задачи.

Уверен сум дека полицијата, согласно своите законски обврски и надлежности, ќе стори се што е во нејзина моќ изборите да поминат токму онака како што треба – демократски, слободно и спокојно, потенцираше министерот Наќе Чулев.

На промоцијата на мобилната апликација присуствуваше и Шефот на Мисијата на ОБСЕ, Амбасадорот Клеменс Која, кој изјави дека мисијата не ОБСЕ секогаш ќе биде на располагање на МВР кога се во прашање заложбите за професионализација и модернизација на полицијата.