18/04/2024
Македонија

Промовирани стратешките приоритети за развој на МВР во наредниот период: Го подобруваме работењето на полицијата во интерес на граѓаните

„Пред една година со нашите пријатели од ОБСЕ го промовиравме почетокот на проектот чија основна задача беше да се направи реално согледување на актуелните состојби, како и предлагање нови решенија во делот на човечките ресурси, дисциплинските постапки, вклучување и комуникација со заедницата и развој на Центарот за обука, а сето тоа во склоп на промените што ги правиме во Министерството за внатрешни работи, со цел пофункционално и подобро работење, што пак носи подобри резултати во интерес на граѓаните. За реализација на проектот формиравме четири работни групи со членови од Министерството за внатрешни работи, експерти ангажирани од ОБСЕ и Македонскиот полициски синдикат и по една година интензивно работење добивме изготвени стратегии, а согласно планот за реализирање на Проектот, од наредната година ќе се започне со практична имплементација на мерките предвидени во Акциските планови“, рече министерот Оливер Спасовски на денешната промоција на стратегиите за управување со човечки ресурси, вклучување и комуникација со заедницата и развој на Центарот за обука, како и препораките за дисциплинските постапки.

„Стратегијата за управување со човечките ресурси за период од 2020-2022 година е стратегиски документ фокусиран на еден современ третман на човечките ресури во Министерството за внатрешни работи. Заради потребата од позначителни системски промени во современиот третман на човечките ресурси, оваа стратегија е развивана во согласност со усвоените стратегиски приоритети за реформи во МВР, но и со консултирање и приспособување на современите тендеции во третманот на човечките ресурси во развиените земји. Анализирано од аспект на досегашните реформски процеси, може со задоволство да се констатира дека Министерството за внатрешни работи успеа да ја препознае и идентификува важноста на развојот на капацитетите во областа на човечките ресурси и нивното успешно менаџирање.Во периодот што претстои, планирано е развивање и примена на транспарентни и непристрасни постапки во процесот на вработување и унапредување на вработените преку развивање на еден современ Мерит систем или систем на вработување и унапредување по заслуги.Исто така вниманието ќе биде посветено на планирањето на персоналот, објективната селекција и проценката на резултатите од работата како и компетенциите на вработените, спроведување на обуки насочени кон соодветна контрибуција на работниците во зајакнување на интегритетот на полицијата, превенирање одлив на кадар, како и развивање на вештините на лидерството“, рече Спасовски.

За тоа свој придонес ќе даде и стратегијата за развој на Центарот за обука за периодот 2020-2022 година, кој треба да ја постигне целта да испорачува современа, квалитетна и ефективна едукација и обука со цел учење, развој и стекнување на работни компетенции на сите вработени во Министерството за внатрешни работи. Оваа стратегија има функција на донесување на одлуки кои ќе ја водат организацијата кон посакуваната визија а таа е Центарот за обука да е клучен носител на системот на сите обуки во МВР, препознаен како регионален центар со современ стил на реализација на обуки засновани врз компетенции, комплетно екипиран со сертификувани обучувачи, со современа внатрешна структура, комплетно опремен и дигитализиран, со најмодерни услови за обука. Со новата Стратегија, Центарот за обука во рамките на МВР, ќе ги развива следниве вредности специфични за неговата дејност: професионализам, интегритет, посветеност, континуираност на учење и развој и успешност.

Со ревидирањето, пак, на дисциплинските процедури во Министерството, целта е да се воспостави правичен, конзистентен, предвидлив и единствен дисциплински систем и да се даде силна порака до заедницата дека несоодветните полициски активности, ќе бидат соодветно истражени, во разумен временски период, со цел корегирање на однесувањето на работниците кое е спротивно на вредностите и заложбите на Министерството за внатрешни работи. Постојниот систем на дисциплински постапки во Министерството за внатрешни работи има потреба од одредени подобрувања кои ќе бидат надминати со сетот на препораки предложени од работната група. Со сетот препораки кои се во насока на решавање на несоодветното однесување на работниците во Министерството преку поправичен, поеднообразен, навремен, потранспарентен и поефикасен начин, ќе се промовираат нови аспекти во областа на дисциплинските постапки од страна на Министерството кое ќе биде прва институција во регионот со ваков вид механизми за ефикасно подобрување на однесувањето на работниците, што секако ќе има позитивен ефект за работниците и за угледот на Министерството, воопшто.    

„Изработката на стратегијата за вклучување и комуникација со заедницата за периодот 2020-2022 година претставува прв обид да се подигнат на повисоко, стратегиско ниво, досегашните проекти и практики за соработка на полицијата и граѓаните. Како приоритети на стратегијата ќе ги издвојам градењето партнерства на локално ниво, посветеност кон отворено и транспарентно полициско работење, редовен дијалог со заедницата, зајакнување на статусот на организационите единици за превенција, развивање на форми за системско комуницирање и размена на информации со локалните заедници и други институции, подобрување на функционирањето на Локалните совети за превенција. Секоја држава е одговорна преку демократско полициско работење да создава безбедност и сигурност, да граѓаните го зголемат квалитет на нивното живеење“, рече Спасовски.

Министерот Спасовски им се заблагодари на членовите на работните групи за вложениот труд и целосно и навремено реализирање на планираните активностите во Проектот, со уверување дека на овој начин ќе се подобри работењето на полицијата како и процесот на целосно управување со квалитет во нашето министерство, а посебна благодарност упати до Мисијата на ОБСЕ во Скопје за целокупната помош околу реализацијата на овој проект.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, го потенцира задоволството од отвореноста на МВР за соработка и подобрување на работењето.

“Ние сме подготвени да ја продолжиме нашата поддршка за напорите на Министерството со цел зајакнување на службата за спроведување на законот преку имплементирање на овие стратешки документи.  Особено сум горд на нашите вработени кои придонесоа со својата стручност и искуство, што ја покажува додадената вредност на Мисијата за поддршка на Министерството за внатрешни работи директно, како и за целокупните процеси на реформи во земјата “, рече шефот на Мисијата на ОБСЕ во  Скопје, амбасадорот Клеменс Која.