18/04/2024
Македонија

Работна средба на директорот на Бирото за јавна безбедност со претставници на проектот „ЕУ поддршка за владеење на правото“-ИПА 2020

Директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Сашо Тасевски денеска во Министертсвото за внатрешни работи одржа работна средба со претставници на Министерството за внатрешни работи на Р.Австрија, ангажирани како експерти во рамки на проектот „ЕУ поддршка за владеење на правото“ – ИПА 2020. Делегацијата на проектот беше предводена од страна на компонентниот лидер Гунтер Бехтлоф, а на средбата учествуваа и Гералд Татзгерн, началник на Националната канцеларија за трговија со луѓе и илегална миграција, Дитер Рудолф и Алфонс Течер, членови на оваа Национална канцеларија.

Проектот „ЕУ поддршка за владеење на правото“-ИПА 2020 започна со имплементација на 18 јануари 2021 година, а Министерството за внатрешни работи е краен корисник и главен координатор на активностите од компонентата 2: Јакнење на капацитетите за ефикасно спроведување на современите истражни техники во борбата против организираниот криминал.

Во рамките на активностите од оваа компонента предвидено е да се спроведе експертска мисија во Министерството за внатрешни работи, која е предвидено да се одржи во периодот од 12 до 16 јули 2021 година, со учество на претставници од Националната канцеларија за трговија со луѓе и илегална миграција при австриското Министерство за внатрешни работи.

Инаку, за време на работната средба беше дискутирано за продлабочување на соработката со Република Аврстрија во рамките на овој проект. Од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност беше искажано задоволство од соработка со Република Австрија, првенствено со Министерството за внатрешни работи на Р.Австрија.

М-р Тасевски потенцираше дека Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија останува посветен партнер во спроведувањето на активностите во рамките на овој значаен проект, вклучително и во делот на миграцијата, како еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан.

Притоа, директорот на Бирото за јавна безбедност изрази целосна подготвеност за вклучување на надлежните организациони единици во рамки на министерството, во спроведување на активностите кои се поврзани со миграцијата. Од негова страна беше истакнато уверување дека соработката во рамките на овој проект дополнително ќе се продлабочи и преку техничка поддршка, со цел воспоставување на заедничкa соработка која ќе придонесе кон постигнување на конкретни резултати.