19/04/2024
Охрид

Регионален форум на земјите од Западен Балкан за изготвување Патоказ за борба против корупција и нелегални финансии

Во периодот од 21 до 23 јуни 2021 година во Охрид се одржува Регионален форум на земјите од Западен Балкан, чиј домаќин и соорганизатор е Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, заедно со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал УНОДЦ. Целта на настанот е изготвување и усогласување на Регионален патоказ за борба против корупција и нелегални финансии наменет за земјите од Западен Балкан во кој ќе бидат дефинирани приоритетите за борба против корупцијата и нелегалните финансии. Регионалниот форум се одржува и во заедничка координација и соработка со Канцеларијата на заменик претседателот на Владата задолжен за борба против корупција, криминал и одржлив развој.

Работниот дел од форумот го отвори помошник министерот за ЕУ и меѓународна соработка во МВР, Муамет Реџепи, кој изрази благодарност до Канцеларијата за дрога и криминал на Обединетите нации за несебичната поддршка, координацијата и реализацијата на овој состанок, како и до Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и Сојузна Република Германија, за помошта и во реализирањето на форумот, но и воопшто, во спроведувањето на агендата во областа на внатрешните работи, како дел од портфолиото на Берлинскиот процес и на Групата за преземени обврски од областа на безбедноста. Покрај тоа, тој посочи дека со финализирање на овој Патоказ подетално ќе се образложат целите и потребите на регионот за поуспешна борба против корупцијата и нелегалните финансии и ќе се олесни споделувањето на добрите практики во справувањето со овие предизвици.

Усвојувањето на Патоказот за борба против корупција и нелегални финансии, што е крајна цел на Регионалниот форум, е предвидено за 25 јуни,кога  министрите и шефовите на делегации од Министерствата за правда и за внатрешни работи на земјите од Западен Балкан и формално ќе го одобрат овој документ.