24/04/2024
Македонија

СДСМ: Во 2019 продолжува растот на платите, зголемување на минималната плата, стартува повратот на ДДВ, повеќе пари во секое семејство

Минатата 2018 беше година на стабилизација на економијата и нејзино придвижување, растеа платите после повеќе години, просечната плата се зголеми, минималната плата за сите работници исто така се зголеми, се повеќе пари завршуваат кај граѓаните.

Во годината пред нас, предвидено е уште едно зголемување на минималната плата, што ќе значи повторно отворање на спиралата на раст на платите и повеќе пари кај работниците, кај семејствата.

Покрај минималната, предвиден е раст на платите во сите сектори: во здравството, образованието, детската и социјална заштита, одбраната, судството, полицијата, културата, а преку зголемената државна помош, ќе растат платите и во приватниот сектор.

Годинава следува реализација на уште една клучна мерка. Граѓаните ќе добиваат поврат на ДДВ од 15 отсто за купените производи или платените услуги. Тоа ќе обезбеди дополнителен годишен приход во секое семејство.

Реформираниот систем на социјална заштита, обезбедува лицата приматели на социјална помош да добиваат и до 300 отсто зголемена социјална помош.

Ова се само дел од придобивките за граѓаните предвидени за оваа 2019 година. Со членството во НАТО, со започнувањето на преговори со ЕУ, економскиот раст ќе се интензивира, ќе се отвораат нови и подобри работни места, македонските компании ќе станат поконкурентнти.

Како одговорна и државотворна партија, продолжуваме со спроведување на мерките што обезбедуваат напредок, интеграција, економски раст и повисок животен стандард за сите граѓани, стои во соопштението на СДСМ.