23/04/2024
Македонија

Склучени вкупно 150 договори за државно земјоделско земјиште под закуп до и над 3 хектари

Денеска во Свети Николе, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, ги додели договорите за јавните огласи за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп до и над 3 хектари, коишто беа објавени за Светиколскиот регион.

За јавниот оглас до 3 хектари се склучија 86 договори со земјоделци, за вкупно 206 хектари. За јавниот оглас над 3 хектари се склучија 64 договори за вкупно 800 хектари.

„Вкупно со двата јавни огласи за овој регион доделуваме 1.006 хектари, државно земјоделско земјиште под закуп, на коешто ќе се произведуваат различни земјоделски култури. Овие два огласи за доделување на државно земјоделско земјиште ќе придонесат за зголемени обработливи површини и производство на земјоделски производи, за поголеми приходи за земјоделците и секако за отворање на нови работни места, што крајно ќе придонесе за економскиот развој на овој регион. Конкретно, според склучените договори за јавниот оглас над 3 хектари ќе се овозможи отворање на околу 50 нови редовни работни места и исто толку сезонски “, изјави министерот Димковски.

Градоначалникот на општина Свети Николе, Сашо Велковски, посочи дека со овие два јавни огласи не само што ќе се зголемат обработливите површини, ќе се зголемат приходите за земјоделците и ќе се намали невработеноста во овој регион.

Намената на земјиштетото што се доделува со двата огласи е за подигање на лозови и овошни насади, насади со хмељ и лешеници, за оранжерии, маслинарници, ливади, брзорастечки дрвја, за рибници, поставување на пчелни семејства, други земјоделски култури, за спротско -рекреативни активности и рурален туризам. Двата огласи опфаќаат и дел од земјиштито на агрокомбинатот Џумајлија, за коешто лани склучивме 8 договори и се доделија 714 хектари земја.