18/04/2024
Македонија

Состанок со невладините организации за унапредување на правната рамка по прашањето на ограничување на правото на слободно движење и расно профилирање

На 07.09.2018 година во Министерството за внатрешни работи се одржа состанок за унапредување на правната рамка по прашањето на ограничување на правото на слободно движење и расно профилирање, како  и потребата од едукација на полицијата на ова поле.

Состанокот беше инициран по заедничко барање поднесено од Народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонско здружение на млади правници, Невладината организација КХАМ и Институтот за човекови права.

Во присуство на државниот секретар м-р Магдалена Несторовска и директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Сашо Тасевски и претставници од надлежните служби на Министерството за внатрешни работи детално беа разгледани препораките на подносителите на барањето.

Од одржаниот состанок произлезе потреба од вклучување на наведените организации при утврдување на модалитетите во законот во правец на прецизно утврдување на случаите на ограничување на слободата на движење и сеопфатно образлагање во управен акт на причините за ограничување на слободата на напуштање на државата. Претставник од наведените организации ќе учествува и при утврдување на начинот на идентификација на полициските службеници при превземање на полициските овластувања при граничните проверки. Се утврди потреба од понатамошно учество на наведените организации при обука на полициските службеници, заради подигање на нивната професионалност, во правец на целосно почитување на слободите на правата на граѓаните, без дискриминација.