29/03/2024
Македонија

Со донација од ФООМ ќе се прошируваат капацитетите на градинките во Крива Паланка и Росоман

Министерството за труд и социјална политика денеска потпиша договори со Фондацијата Отворено Општество-Македонија, општините Крива Паланка и Росоман, со кои се обезбедуваат дополнителни средства за проширување на капацитетите на градинките во овие две општини.

„Предучилишното образование е клучно за раст и развој на децата. Токму затоа правиме напори да вклучиме што повеќе дечиња, односно да ги прошириме капацитетите на градинките и тоа со повисоки стандарди, а истовремено и да го подобриме квалитетот на предучилишното образование и да го зајакнеме кадарот во градинките“, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Во рамки на оваа соработка МТСП обезбедува околу еден милион денари за опремување на новиот простор на градинката „Детелинка“ во Крива Паланка и над 500 илјади денари за опремување на адаптираниот простор во општина Росоман. Буџетот на Министерството за следната година за нови градинки и подобрување на квалитетот на предучилишното образование е зголемен за 300%.

„Сакаме да ги поддржиме општините во нивните напори да обезбедат што поголем број на опфат на дечињата во предучилишно образование. Свесни сме дека деца коишто посетуваат предучилишно образование има многукратно поголеми шанси за подобар развој“, изјави Фани Каранфилова Пановска извршна директорка на ФООМ.

Фондацијата Отворено Општество-Македонија донира вкупно 40 илјади долари за проширување на капацитетите во двете градинки во Крива Паланка и Росоман. Со овие средства ќе се изведат градежно-занаетчиските работи за адаптирање на дополнителни простории, со што ќе се зголеми опфатот на деца.

„Реално Општина Крива Паланка има проблем со капацитетите за сместување на децата со предучилишна возраст. Со средствата од овој проект ќе бидат адаптиран и приспособен објект од ЈОУГД „Детелинка“ со што делумно ќе го надминеме долгогодишниот проблем“, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

„Благодарение на финансиската поддршка што ја добиваме од МТСП и ФООМ ќе ги прошириме капацитетите и целосно ќе го опремиме новиот простор на градинката „Праскичка“, што е долгогодишно барање на жителите на Росоман“, изјави градоначалникот на Росоман, Бранко Јанев.