28/03/2024
Македонија

Со силно темпо и со крупни чекори го фаќаме ритамот на европските напредни практики за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост

Владата, во координација со Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост, предничи и ги промовира и штити правата на лицата со попреченост во областите како што се: еднаквост и недискриминација, слобода на движење, самостојно живеење, образование, пристап до стоки и услуги, вработување, правен капацитет, пристап до правда, здравство, политичко учество, вклучително и правото да гласаат и да бидат гласани на избори, истакна денеска во своето обраќање претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 декември, и на завршната конференција на ЕУ проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“.

„За разлика од претходните, речиси минимални активности за спроведување на одредбите од Конвенцијата, со стартот на работата на Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост во 2018 година, се воспостави рамка која вклучи независни механизми за промовирање, заштита и следење на спроведувањето конвенција согласно препораките на ОН. Дополнително, Акцискиот план на Национално координативно тело за  правата на лицата со попреченост обезбеди јасен пакет на приоритети и насоки за спроведување на Конвенцијата“, истакна премиерот Заев, апелираше сите постојни и нови закони, политики и програми усвоени од Владата, да бидат во согласност со Конвенцијата, и додаде дека останува и понатаму определбата за инклузивност и за конструктивен дијалог со репрезентативните организации на лицата со попреченост за целосно остварување на слоганот „Ништо за нас – без нас“.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска истакна дека со социјалната реформа се унапредуваат правата и се развиваат услуги за лица со попреченост, а МТСП ги зголеми финансиските трансфери кон лицата со попреченост.

„Воведовме право за надоместок за лица со интелектуална попреченост. Го зголемивме надоместокот за скратено работно време до 50 % од просечна плата . Речиси сите деца имаме, уште 2 деца, се извадени од институциите и се згрижени во групни домови. Со Законот ја гарантиравме персоналната асистенција и услугата одмена во домот. Овие услуги ќе ги развиваат општините. Навистина сум среќна што од вкупно 65 општини кои аплицирале кај нас за грантови дури 56 аплицирале за развој на услуги во домот за лица со попреченост и ги поттикнувам исто така организациите да се вклучат во овој процес“, рече Царовска.

Министерот Венко Филипче ги презентираше бројните мерки и активности што ги спроведува Министерството за здравство за да им се овозможи на лицата со попреченост целосно вклучување во општеството, како меѓународно признаено универзално право.

„Активно се вклучивме во интерсекторскиот проект за подготовка на новиот модел на функционалната проценка за дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на дете или младинец, базиран на Меѓународната Класификација на Функционалности како значајна реформа базирана на светските текови за давање на потполна поддршка на најмладата популација во општеството подготвен од Светската здравствена организација и УНИЦЕФ. Дадовме целосна поддршка на процесот и преку реформирање и отворање на нови здравствени центри за рана интервенција во кои од најраната возраст ќе се следи развојот на децата кај кои постојат и најмали индикации за постоење на болести поврзани со нивна попреченост. Отворивме Пилот Центар за функционална спреченост и поддршка на деца и млади во Скопје и сензорна соба, која третира вакви деца и го заокруживме процесот на опфаќање деца во рамки на одделението за логопедија, како и деца од одделението за рехабилитација на слух, кои имаат потреба од дополнителен третман“, рече министерот Филипче и истакна дека Министерството за здравство ќе продолжи со активностите за подигање на свеста на здравствените работници и за зајакнување на капацитетите на јавно здравствените установи како одговор на потребите на лицата со попреченост.

Арбер Адеми, министерот за образование и наука, зборуваше за приоритетите на министерството меѓу кои се издвојува јакнењето на стручните служби во училиштата кои работат со учениците со попреченост, како од аспект на обезбедување доволен број наставници, специјални едукатори и рехабилитатори, педагози и психолози, така и од аспект на подигнување на нивната стручност преку континуирани обуки и тренинзи, но и зголемување на мотивацијата за работа преку подобрување на материјалниот статус и условите во кои ги извршуваат работните обврски.

„За оваа учебна година, ангажиравме вкупно 295 образовни и лични асистенти, кои заедно со сите останати членови на инклузивниот тим од кој дел се и самите родители, ќе им помагаат на учениците за полесно совладување на материјата и подигнување на свеста на другите ученици за потребите на учениците со попреченост“, информираше министерот Адеми.

Координаторот на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост, Спасе Додевски, нагласи дека ратификацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост е обврска за сите влади за неодложно имплементирање на нејзините препораки.

„Гордо и со исклучително задоволство, тврдам, дека со силно темпо и со огромни чекори го фаќаме ритамот на европските напредни практики и ја менуваме свеста преку мотивот едно општество и исти права за сите. Воедно ве убедувам дека по квалитетот и одржливоста на основниот систем за поддршка и вклучување на лицата со попреченост во здравство, образование и социјална заштита кој го воспоставивме сме најдобри во регионот. Ова се должи на блиската меѓуресорска соработка со која се гордеам, и на посветеноста на сите вклучени за поддршка на процесот“, потенцираше Додевски.

Шефот на делегацијата на ЕУ во нашата земја, амбасадорот Самуел Жбогар истакна  дека имплементацијата на Конвенцијата на ОН, и политиките на Европската Унија за поддршка на лицата со попреченост за единство во различностите, се совпаѓаат со принципите на стратегијата за едно општество за сите на Владата. Tој нагласи дека тоа беше и главната мотивација за поддршка на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, имплементиран во партнерство помеѓу Националниот совет на инвалидските организации, Македонскиот Институт за медиуми и Институтот за разsличности во медиумите од Лондон, во чии рамки денеска беше презентиран и прирачникот за граѓанските организации кои работат на унапредување на состојбата на лицата со попреченост „Попреченост: На виделина“.