25/04/2024
Македонија

Спасовски: Бројот на пријавени кандидати е доказ за атрактивноста на полициската професија и позитивниот имиџ на министерството меѓу младите

Министерот Оливер Спасовски денеска го посети Центарот за обука во Идризово, каде што веќе отпочна процесот на фазна селекција на пријавените кандидати за полициски службеници по последниот објавен конкурс од крајот на декември минатата година.

„Ја користам приликата да ве информирам дека на овој последен јавен оглас, во дадениот конкурсен рок за пријавување, се пријавија вкупно 2964 кандидати, од кои 2365 се мажи а 599 жени. Оваа бројка што е далеку поголема од бројката од претходниот јавен оглас, кога имавме вкупно 2391 пријавен – доволно говори како за евидентниот интерес кај младата популација за полициската професија, така и своевидниот позитивен имиџ што нашето министерство го има меѓу оваа категорија граѓани“, потенцираше министерот Спасовски.

Тој истакна дека ова е добра можност заедно со колегите одговорни за спроведување на целокупната селективна постапка, покрај непосредниот увид во истата, јавноста, транспарентно и одговорно да се информира за сите важни детали и поединости поврзани со изборот на идните, нови полициски приправници.

„Во тој контекст, сакам накусо да ве информирам дека сите овие млади луѓе во рамки на сеопфатниот концепт на проверки ќе минат најпрво физички, а потоа и психолошки проверки, па проверките на знаењата и безбедносните и здравствени контроли, притоа почитувајќи ги и нужните епидемиолошки, односно здравствени протоколи, така што до крајот на месец март, односно почетокот на април веќе ќе биде заокружен цел тој селективен процес со прецизно бодовно рангирање на сите кандидати“, објасни министерот Спасовски.

По ова ќе следи процесот на избор на кандидати, согласно Законот за внатрешни работи 660 кандидати, односно за 10 проценти повеќе од предвидената бројка на барани извршители кои ќе бидат упатени на основна обука за полицаец, со потпишување на договори за отпочнување на едногодишната обука за полицаец.

„Потоа, преку теоретска и практична едукација во три образовни модули во траење од по четири месеци, како што налага стандардизираната процедура, преку рангирање ќе бидат   избрани идните 600 полициски службеници на Министерството за внатрешни работи со кои што ќе склучиме договори за вработување на работна позиција приправник-полицаец, со обврска најмалку пет години да работат во Министерството за внатрешни работи“, истакна Спасовски.

Министерот Спасовски, посакувајќи им успех напријавените кандидати, изрази увереност дека целокупниот процес ќе биде заокружен согласно високите стандарди и критериуми пропишани за избор на најдобрите кандидати.