23/04/2024
Македонија

Спасовски: Евидентен е значителниот напредок во етаблирањето на високи демократски стандарди во реализацијата на изборните процеси

Заменик претседателот на Владата на РСМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска учествуваше на Завршната конференција на проектот „Правна заштита на избирачките права“, кој беше имплементиран од Институтот за правни и политички истражувања, со поддршка на Амбасадата на САД и Амбасадата на Кралството Холандија во Република Северна Македонија.

„Заштитата и унапредувањето на слободата на изразување, вклучително и на правото на глас, односно на избор, како фундаментални уставни и демократски начела, е приоритетна обврска на сите институции надлежни за спроведување на законите“, рече министерот Спасовски во своето обраќање, додавајќи дека за државата во моментов од исклучително значење е крајно одговорно и во континуитет да се работи на воспоставување и градење на нормативни стандарди и практики, кои што на граѓаните ќе им овозможат целосно, непречено и слободно ползување на тие уставно загарантирани права.

Во однос на резултатите кои се констатирани во истражувањето, спроведено од Институтот за правни и политички истражувања, што беше промовирано на Завршната конференција, Спасовски подвлече: „Во изминативе две години, низ призмата на организираните и спроведени изборни процеси – локалните и претседателските избори, како и преку референдумското изјаснување, евидентен е значителниот напредок во етаблирањето на високи демократски стандарди во реализацијата на изборните процеси. Воедно, очигледно е и доследното спроведување на актуелните правни рамки во поглед на изборите и избирачкото право од страна на институциите надлежни за спроведување на законите од оваа област. Тоа се факти кои радуваат, но и обврзуваат!“, истакна министерот за внатрешни работи, потенцирајќи дека законската материја, независно за која сфера станува збор, е жива, динамична и подложна на промени, во интеракција со потребите на општественото живеење.

Министерот Спасовски се осврна и на законските обврски во надлежност на полициските служби, нагласувајќи дека спроведувањето на изборите генерално, како и заштитата и обезбедувањето на гласачкото право на електоратот, се приоритетни задачи кон кои МВР  пристапува професионално, стручно и максимално одговорно, а реализацијата на овие активности секогаш е резултат на претходни сеопфатни подготовки на службите инволвирани во непосредно обезбедување и следење на изборниот процес. Тој појасни дека во координација со институциите надлежни во сферата на изборите, како и со партнерски меѓународни организации, се прават дополнителни напори за што поквалитетно спроведување на изборите, согласно сите прифатени и признати модерни западни демократски начела и стандарди.

„Отвореноста за соработка и транспарентноста во тој подготвителен период, но и во текот на самите избори, се манифестира и преку односот кон јавноста и кон граѓанските организации. Тие се повеќе од добредојдени и претставуваат наш важен партнер, своевиден лакмус за квалитетот на спроведувањето на законите. А задача на сите други општествени фактори е и понатаму континуирано и посветено да тежнееме кон што поквалитетно и пофункционално надградување на нормативните рамки и сите оперативни механизми кои произлегуваат од нив“, порача Спасовски.