28/03/2024
Македонија

Спасовски: Продолжуваме да ги унапредуваме односите и соработката меѓу Северна Македонија и Руската Федерација во сите области од заемен интерес

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска го прими амбасадорот на Руската Федерација во нашата земја, неговата екселенција Сергеј Баздникин.

На средбата премиерот Спасовски на амбасадорот Баздникин му предаде писмо со честитки до новоизбраниот претседател на Владата на Руската Федерација Михаил Машустин, со желби за успех во извршувањето на должноста и позитивни резултати кои ќе продонесат за натамошен сестран напредок на Руската Федерација и за благосостојба на пријателскиот руски народ.

Претседателот на Владата на Северна Македонија Спасовски, во писмото до премиерот Машустин, како и на средбата со амбасадорот Баздникин изрази уверување дека двете влади ќе продолжат да соработуваат на натамошно унапредување на односите и продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Русија, во сите области од заемен интерес.

На средбата премиерот Спасовски го запозна амбасадорот на Руската Федерација со приоритетите на Владата на Северна Македонија, при што ги нагласи организацијата и спроведувањето на предвремените избори, како и евро-атлантските и европските интеграции.

Премиерот Спасовски истакна дека преодната Влада на нашата земја ги има сите овластувања да обезбеди континуитет на политиките и процесите од интерес на земјата и граѓаните, меѓу кои свое место има и продлабочување на соработката со Руската Федарација, и дека сите отпочнати процеси на дипломатиите на двете земји, особено проектите од взаемен интерес иницирани од Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација ќе продолжат да се реализираат согласно договорените планови и динамика.