28/03/2024
Македонија

Филипче: Кичево доби модуларен ковид центар и апарат за компјутерска томографија од голема важност за пациентите од овој крај

Министерот за здравство д-р Венко Филипче и министерот за економија Крешник Бектеши, денеска беа во посета на Општата болница во Кичево, каде завршена е изведбата и поставувањето на модуларниот ковид центар во рамки на дворното место на болницата.

„Целосно е завршена монтажата, поставувањето и опремувањето на ковид центарот на површина од 700м2 и 45 болнички кревети. Ова е една практично мини болница, клиника која ќе ги дава сите потребни здравствени услуги за пациентите кои се заболени од КОВИД-19. Целосно е опремена по истиот терк како што се опремуваат и другите ковид центри ширум државата. Тука ќе има и мобилен рентген апарат, најсовремен ЕХО апарат со сите потребни сонди и потребните лабораториски испитувања. Сега ќе можат да се третираат пациенти од Кичево и целата околина, со оглед на тоа што е навистина голем бројот на население којшто добива здравствени услуги во оваа болница.“, потенцираше министерот Филипче.

Двојното зголемување на постојниот болнички капацитет е од исклучителна важност за тековните медицински програми, со што се обезбедува, можното оптоварување со ковид пациенти да не го наруши нормалното обезбедување на услуги и континуитетот во давање на медицинска нега на пациенти со хронични состојби од редовниот програм на болницата.

Во рамки на посетата на Кичево, министерот Филипче направи увид и во новата болница, каде што започнува втората фаза од изградбата.

„Започнува втората фаза, ние ја најавивме пред неколку месеци. Со завршувањето на оваа втора фаза практично го заокружуваме целокупниот процес на развој на здравствениот сектор, за целиот регион. Граѓаните во овој регион заслужуваат да имаат современа болница по највисоки европски стандарди“, истакна Филипче и најави дека за неколку месеци ќе биде инсталиран апаратот за компјутерска томографија за првпат во болницата во Кичево. Со ова, пациентите повеќе нема да патуваат до околните градови и до Скопје за една ваква услуга.