28/03/2024
Македонија

Царовска: Ги повикуваме средните стручни училишта и компаниите да се пријават на повикот за грантови на германската развојна банка

На средните стручни училишта и компаниите им стануваат достапни финансиски средства за опремување на работилници и лаборатории неопходни за реализирање на практична настава и дуално образование, преку Регионалниот фонд за предизвици и тоа очекувам да даде нов поттик за нивна поинтензивна соработка, се со цел квалитетно стручно образование на учениците, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во обраќањето на вебинарот на Регионалниот фонд за предизвици кој делува во рамки на Инвестицискиот форум на коморите од Западен Балкан. На вебинарот беше промовиран првиот повик за изразување интерес за финансирање на проекти за соработка поврзани со стручно образование и обуки.

Министерката Царовска нагласи дека Регионалниот фонд ќе внесе нова динамика затоа што влезот на финансиски средства и можноста да бидат поддржани идеите на училиштата и компаниите, ќе ја поттикне соработката меѓу нив и конечно ќе се види дека бенефит од овој процес имаат и компаниите и училиштата, а резултатот се остручени ученици. Средставата ќе можат да се употребат за реализација на проекти поврзани со набавка на опрема, обуки на ментори и се друго што е потребно за квалитетно реализирање на образовни програми во стручните училишта. Финансиската поддршка ќе овозможи повеќе компании да се вклучат во практичната обука и дуалното образование. 

Под слоганот „Учи паметно, работи стручно“, Министерството за образование и наука, веќе реализира консултации со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата од идната учебна година. 

„Пред нас стојат многу предизвици, како опремата во училиштата, екипираноста во компаниите по однос на менторите, но предизвик е и да го вратиме сјајот на средното стручно образование кој низ годините е изгубен и сега се обидуваме да ја вратиме неговата вредност. Станува збор за менување на перцепцијата на родителите и на учениците кон средните стручни училишта. Тие треба да бидат полни со ученици за да очекуваме како излезен резултат стручни ученици, кои потоа ќе можат да се вклучат во работните процеси“, нагласи министерката Царовска.  

Министерството за образование и наука, во соработка со Комората направи истражување, во кое  учествуваа 450 компании од цела држава, и дури 85 % од нив изразија подготвеност да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, укажа Царовска, додавајќи дека во тек е процес на врзување на компонентите, училиште со компанија, со цел успешно реализирање на стручното образование. 

„Веќе компаниите се охрабруваат, а училиштата стануваат проактивни. Следниот предизвик ќе биде стипендирањето на учениците со цел да ги поттикнеме да се запишат во овие училишта“, рече Царовска. 

Регионалниот фонд за предизвици функционира со овластување од  Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ) и е поддржан од KfW Германската развојна банка. Има за цел да ја зајакне важноста на пазарот на трудот во однос на стручното образование и обука преку финансирачки инвестиции во опрема и инфраструктура за субјектите кои обезбедуваат обука и кои учествуваат во заеднички активности за обука со партнерските претпријатија.