28/03/2024
Македонија

Царовска: До крајот на годината ќе отвориме 24 нови градинки, згрижуваме деца во руралните места, воспитувачите добиваат повисока плата

До крајот на годината Министерството за труд и социјална политика планира да отвори вкупно 24 нови градинки низ Македонија со буџет кој изнесува 41,6 милиони денари и е за 44% поголем од парите искористени за истата намена лани. 11 од објектите се веќе отворени и имаат капацитет за над 600 деца кој е речиси пополнет, а обезбедени се и 86 вработувања. Останатите 13 градинки е планирано да профункционираат до крајот на 2018 година, со вкупен капацитет за 682 деца и 97 нови вработувања. Ова го рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска на денешната прес конференција во Владата.

„Оваа Влада освен што инвестира повеќе пари во детската заштита, посветено работи и на подобрување на условите за згрижување на деца од предучилишна возраст, дури и во општините кои со години беа запоставувани. Дури 80 проценти од градинките што ги отвораме се во рурални места, а некои од нив и за прв пат добија детски градинки“, рече Царовска.

Децата од овие места ќе бидат згрижени на само неколку чекри од нивните домови, и повеќе нема да треба секојдневно да поминуваат километри за да одат во градинка.

Заклучно со август, е реализиран 42 % од планираниот буџетот за оваа намена за 2018, односно веќе се инвестирани 17,5 милиони денари во детски градинки. Оваа сума е речиси иста со сумата која била инвестирана од претходната власт за цела 2015 година, а е за околу 3 милиони денари поголема од потрошениот годишен буџет наменет за градинки во 2016 година.

Истовремено со зголемувањето на буџетот за детска заштита оваа Влада посветено работи на секое дете да му обезбеди услови за подобар раст и развој. Затоа, истовремено со подобрувањето на условите и ширењето на капацитетите, работиме и на подобрување на кадарот во градинките. Сите 4.300 вработени, со септемвриската плата, исплатена во октомври, ќе добијат покачување од 5%. Исто така, од први јануари годинава досега МТСП, обезбеди финансиска согласност за вработување на над 900 лица од кои поголемиот дел се на неопределено време.