19/04/2024
Македонија

Царовска: Обезбедуваме квалитетно средно образование за добро вработување

Министерката за образование и наука Мила Царовска и претставници на Делегацијата на германското стопанство во Македонија денес посетија средни стручни училишта во Велес и Кавадарци каде се реализира дуално образование по германски модел и имаа работни средби со претставници на партнерските компании каде се изведува практична настава. Царовска вели дека стручното образование продолжува и во услови на пандемија како одговор на потребите на стопанството за квалитетен и добро обучен кадар. Оваа учебна година дуално образование посетуваат вкупно 220 ученици. Од нив, годинава се запишани 85 ученици.

“Практичното (дуално) образование е одличен начин младите уште во текот на средното образование да се насочат кон професии кои се барани од компаниите, но и да дознаат што значи работа во реални услови. На овој начин обезбедуваме поголема вработливост на младите кои го завршиле стручното образование. Дури и во вонредни услови во кои се одвива образовниот процес оваа година овозможивме учениците од средните стручни школи да ја продолжат практичната настава. Секако, таа се реализира под посебни протоколи, со кои се гарантира нивна заштита”, изјави Царовска.

Во  Велес, во ССУ  „Коле Неделковски“ учениците  се обучуваат во струката Техничар за производно машинство, а практичната обука се изведува во компаниите „Брако“ и „Маркарт“ . Во  Кавадарци, во средното стручно училиште „Киро Спанџов-Брко“, учениците се обучуваат во струката Техничар за индустриска мехатроника, а практичната обука ја извршуваат во компанијата „Дрекселмајер“.

 „Дуалното образование е успешен начин на градење на вештини потребни на пазарот на работна сила. По завршувањето на пандемијата, кај компаниите ќе биде уште поизразен недостигот на стручен кадар, а младите вклучени во дуалното образование ќе имаат најкус пат до вработување. Тоа што ние се трудиме да го направиме за младите е да изградиме систем кој ќе им помогне да ги развијат своите практични вештини, полесно да се вработат и да ги реализираат своите амбиции“, посочи Царовска.

 Во програмата за дуално образование се вклучени 7 училишта од 7 општини и 12 компании. Дуалното образование  се реализира во Велес, Кавадарци, Охрид, Битола, Прилеп, а од оваа година во Скопје и Тетово.