19/04/2024
Македонија

Царовска: Почна исплатата на зголемената социјална помош, гарантиран минимален приход земаа 25.794 домаќинства

Започна исплатата на зголемената социјална помош согласно правата предвидени со новата социјална реформа. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска изјави дека денеска 25.794 домаќинства на нивните трансакциски сметки добија гарантиран минимален приход, која што за поголемиот дел од нив е зголемена за 100%. На сите овие домаќинства коишто имаат деца дополнително им е исплатен и детски и образовен додаток. Аплицирањето за новите права е се уште во тек и очекуваме овие бројки да продолжат со растат.

„Навистина ми е драго што спроведувањето на реформата се одвива непречено и нашите најранливи граѓани конечно ја добиваат помошта која им е потребна. Со овие промени ја намалуваме сиромаштијата во државата, овозможуваме еднаков старт за секое дете, ги унапредуваме правата на лицата со попреченост и го подобруваме квалитетот на предучилишното образование“, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Министерката Царовска, исто така го честиташе денешното одбележување на Денот на социјалните работници во Република Северна Македонија.

„Сакам во име на Министерството за труд и социјална политика и од мене лично како министерка да се заблагодарам на вработените во центрите за напорите, посветеноста и пожртвуваноста во почетокот на имплементацијата на реформата на системот за социјална заштита. Без нив и нивната напорна работа, ова што се случува денеска и во наредните денови и месеци немаше да успее и да биде можно. Законите, прописите и актите се само зборови напишани на хартија, коишто ќе немаат никакво значење, ако не се преточат во функционален систем. Бескрајно сум благодарна, но и горда што во Центрите за социјална работа поседуваме квалитетен човечки капитал. Со заедничка посветеност градиме вистински праведно и хумано општество, создаваме услови за развој на нашата земја и подобар живот за сите наши граѓани и граѓанки“, рече Царовска.

Директорката на Центар за социјални работи на град Скопје, Наташа Станојевиќ којшто покрива најголем дел од корисниците во државата ги повика домаќинствата да поднесуваат барања за остварување на правото за родителските додатоци (додатоците за прво, второ и трето дете) како и за детскиот додаток.