19/04/2024
Македонија

Царовска по повод Денот на човековите права: Преку квалитетно образование за секое дете создаваме граѓани со високи општествените вредности

„Образованието е меѓу најважните човекови права. Токму затоа, новата концепција за основно образование ќе се заснова на вредности како почитување на човековите права, толеранција, мултикултурализам и родова еднаквост и ќе создава граѓани кои ги почитуваат и живеат со овие вредности“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во видео-обраќањето по повод Меѓународниот ден на човековите права.

„Секое дете мора да има право на образование, квалитетно, навремено, достапно, со еднакви можности, за да прерасне во граѓанин и граѓанка и со моќта на знаењата да постигне личен и општествен развој. Горда сум што и во време на пандемија, во многу тешки услови за децата, родителите и наставниот кадар, овозможуваме наставата да продолжи и да биде достапна за сите ученици. Работиме и успеваме да изградиме инклузивно  образование, кое вложува во младите и во науката и ги подготвува учениците за иднината“,  рече Царовска.

Министерката истакна дека силно и посветено се работи на воспоставување на инклузивен образовен процес, кој овозможува секое дете да го истакне полниот потенцијал.

„За прв пат  со 54 милиони денари од државниот буџет ги поддржува образовните асистенти кои треба да им помогнат на учениците. Исто така, обезбедени се стипендии за сите деца со попреченост кои ги исполнуваат основните критериуми. Инклузивноста ја спроведуваме и во образовната инфраструктура. Воведовме нов услов за инвестиција во училишните објекти – да биде обезбедена пристапност за лица со попреченост. Тоа значи пристапни училишта, пристапни тоалети и училници за сите. И во услови на пандемија, завршена е реконструкцијата на четири објекти, а во тек е завршна реализацијата на девет други. Продолжуваме да градиме по план“, рече Царовска.

Министерката посочи дека огромно внимание се посветува и на јакнењето на средното стручно образование кое треба да создаде кадар баран на пазарот на трудот и поголема вработливост на младите.

„За прв пат се воведени и посебни стипендии за учениците од струките кои ги бараат домашните и странските компании, а во тек е воспоставувањето 3 регионални центри за стручна обука во Тетово, Охрид и Куманово“, рече Царовска. 

Науката и иновациите се движечка сила на општеството, а пандемијата со Ковид уште повеќе ја зајакна нивната важност. Токму затоа заедно со Фондот за иновации доделивме 34 иновациски ваучери во вкупен износ од 15 милиони денари за истражувачки проекти на факултетите и истражувачките центри. 

Осврнувајќи се на наставниот кадар, како пресуден за квалитетно образование, министерката кажа дека се спроведуваат обуки за наставниците и се вложува во нивното знаење и кариерен развој.