19/04/2024
Македонија

Царовска: Преку Националната програма за достоинствена работа 2019-2022 ќе создадеме повеќе и поквалитетни работни места

Денеска, на средба во Владата на Република Северна Македонија, претставници на Владата, Министерството за труд и социјална политика, Меѓународната организација на трудот (МОТ), синдикатите и организациите на работодавачите ја усвоија новата четиригодишна „Национална програма за достоинствена работа“. 

„Денеска е навистина свечен ден за Република Северна Македонија. Си поставивме цели за постигнување достоинствени, повеќе и поквалитетни работни места и инклузивен раст. Ова укажува дека сите политики на Министерството за труд и социјална политика и Владата се на добар пат и треба да продолжиме да ги развиваме со цел да постигнеме навистина квалитетни работни места и задоволни работници“, изјави министерката за труд и социјална пилитика Мила Царовска.

Станува збор за Програма која ќе ја спроведуваат споменатите институции и организации, во периодот од 2019 до 2022 година. Со Програмата ќе се реализираат активности во насока на креирање работни места, проширување на социјалната заштита, гарантирање на правото на работа и промоција на социјалниот дијалог. Оваа Програма ја поддржува реформска агенда што е утврдена во Програмата на Владата 2017–2020, а која се фокусира на развој на економијата и подигнување на животниот стандард. 

,,Меѓународната организација на трудот има претставници во земјата веќе 10 години и забележуваме голем напредок во нашата соработка. Многу сме горди што Националната програма за достоинствена работа 2019 – 2022 е резултат на преговорите помеѓу трипартитната структура во Северна Македонија, односно Владата, министерството, организациите на работниците и работодавачите’’, истакна Хајнц Колер, регионален директор на МОТ за Европа и Централна Азија.

Дополнително, Програмата содржи и активности со чија реализација ќе се обезбеди неопходна поддршка на реформите на политиките и регулативата што се бараат во процесот на пристапување кон ЕУ, особено во однос на преговорите за Поглавјето 19 за вработување и социјални политики, за коишто МОТ ја става на располагање својата експертиза и искуство.

„Досегашните извештаи на Европската Комисија за напредокот на земјата јасно укажуваат на потребата од натамошно зајакнување на социјалниот дијалог кој би бил во функција на поголем економски и социјален развој на земјата. Преку обезбедената финансиска поддршка за реализација на голем дел од активностите предвидени во оваа Програма, Европската Унија јасно покажува дека сака да ѝ помогне на земјата да постигне ефективен социјален дијалог како основен елемент на европскиот социјален модел, кој промовира конкурентност и подобрување на економскиот просперитет и социјалната благосостојба“, изјави Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка во Делегацијата на Европската унија.

Голем дел од целите и задачите на програмата е планирано да бидат реализирани до средината на 2021 година, преку активностите во рамки на проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, за што ќе бидат вложени близу 1,2 милиони евра, средства обезбедени од Европската унија. Преку планираните активности заеднички ќе се решаваат проблемите со кои се соочуваат институциите, синдикатите, работодавачите и на локално и национално ниво.  Проектот се состои од три компоненти. Првата компонента е во насока на подобрување на функционирањето и ефикасноста на Економско-социјалниот совет (ЕСС) како единствена институција за социјален дијалог на национално ниво помеѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Втората компонента е во насока на подобрување на социјалниот дијалог на локално ниво, со што ќе се зајакне учеството на општините во формулирање и спроведување на локалните политики за вработување, особено на младите , а третата компонента е во насока на зајакнување на сопствените капацитети на синдикатите и на организациите на работодавачи, подобрување на нивните услуги и да воведат нови како предуслов за зголемување членството, финансиска одржливост и ефикасност.