25/04/2024
Македонија

Царовска: Со вработување на 500 образовни асистенти се грижиме и создаваме образование за секое дете

Во тек е јавен оглас за вработување на 500 образовни асистенти кои ќе бидат поддршка на децата со попреченост вклучени во редовната настава. Врвна цел на МОН е да обезбеди образование достапно за секое дете, поддршка и почитување во училницата, но и да изгради општество кое има високо развиена свест за почитување и прифаќање на различностите. Ова го изјави министерката за образование и наука Мила Царовска, денеска по средбата со Националните инвалидски организации, родителите на децата со попреченост и самите деца, директорките од основните училишта со ресурсен центар и Националниот координатор на телото за проценка по МКФ. На средбата, на која присуствуваше и заменик-министерот Арафат Шабани, се разговараше за соработката на министерството со граѓанските организации и родителите за создавање инклузивни услови во училиштата.

„Еден од главните приоритетни цели на МОН, е новата учебна година да стартува со зајакнати капацитети и поддршка, со кои ќе обезбедиме вклученост на децата со попреченост во редовната настава. Ова го овозможуваме преку низа активности кои ги реализираме и во самите училишта и во креирањето на новите материјали за учење, според новата Концепција, но и со создавање на инклузивни тимови кои ќе бидат поддршка на учениците во училниците. За таа цел во тек се јавни огласи за што во буџетот на МОН се веќе обезбедени 59 милиони денари, со што за првпат системски ги решаваме вработувањата на образовните асистенти. Образовните асистенти ќе имаат 24.000 денари месечна нето плата и ќе бидат вработени во петте основни училишта со ресурсен центар „Златан Сремец“ и „Иднина“ од Скопје, Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ од Битола, „Климент Охридски“ од Ново Село и ОУРЦ „Маца Ѓоргиева Овчарова“ од Велес“, рече Царовска.

Министерката ги повика и охрабри кандидатите кои ги исполнуваат условите да се пријават на огласите и да станат дел од современиот образовен систем кој нуди еднаков пристап за секое дете.

„Сите образовни асистенти ќе добијат соодветна обука од обучени тренери во втората половина на месец август, а после нив и наставниот кадар каде ќе има вклучено деца со попречност ќе поминат обука за инклузивно образование. Исто така на Основните училишта со ресурсен центар им се доделени средства од 2.500.000 денари за набавка на опрема и дидактички средства во функција на поддршка на инклузивното образование“, рече Царовска.

Силната волја на МОН да го промениме образованието кон подобро се гледа и во новата Концепција. Учебниците согласно Концепцијата за основно образование, за прво и четврто одделение ќе бидат адаптирани на потребите на учениците со попреченост, односно ќе бидат печатени со брајова азбука, ќе бидат и во аудио формат, некои, доколку има потреба, ќе бидат испачатени со поголем фонт на буквите, а развиен е и аудио читач кој ќе може да ги чита наставните материјали на македонски и на албански јазик.

Оваа година исто така,  обезбедувањето на пристапноста е задолжителен услов кој треба да се исполни за добивање на финансиски средства за адаптација, реновирање или изградба на училиште со средства од МОН.  Дополнително на ова, во тек е реализација на Проект за непречен пристап во 14 образовни институции низ државата – 6 основни училишта, 4 средни и 4 факултети преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 – EU for inclusion, за кој е подготвена  техничката документација (проекти за адаптација) и очекуваме градежните активности да започнат во втораата половина на 2021.