19/04/2024
Македонија

Чакрабарти од ЕБРД до премиерите Заев и Ципрас: Договорот од Преспа ја реафирмира посветеноста на ЕБРД за поддршка на вашите економии во интерес на регионот

Претседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Сума Чакрабарти упати писмо со честитки до двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас за ратификацијата на Договорот од Преспа во парламентите на двете земји оценувајќи го влегувањето во сила на овој важен договор со преостанатите процедури како важен влог во стабилноста и економските перспективи на двете земји, во регионот и југоисточна Европа.

„Се восхитувам на вашата храброст, политичка храброст, лидерство и одлучност и аплаудирам на вашите особини на вистински државници“, пишува во писмото од претседателот на ЕБРД, Чакрабарти.

Понатаму во писмото испратено до двајцата премиери се наведува дека Договорот од Преспа треба да ја зголеми довербата на инвеститорите и да ги отвори можностите за нови прекугранични проекти и регионална интеграција.

„Дозволете ми уште еднаш да ја реафирмирам силната посветеност на ЕБРД во поддршка на економиите на вашите земји и да ја изразам нашата подготвеност да ја интензивираме воспоставената соработка во интерес на соседните земјите и поширокиот регион“, стои во писмото испратено од претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти до премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас.