25/04/2024
Македонија

Честитка од претседателот Пендаровски до христијанските верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар

Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Христовото Раѓање – Божиќ, упати честитка до д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх и до сите верници кои го прославуваат Божиќ според Грегоријанскиот календар.

Почитувани,

Дозволете да упатам искрени честитки на сите верници кои го празнуваат големиот христијански празник, Христовото Раѓање – Божиќ по Грегоријанскиот календар.

Божиќ, како еден од најсветлите и највозвишените денови во христијанството, нè потсетува на основните човечки вредности, да живееме во мир и во хармонија, да бидеме чесни и достојни, солидарни и правдољубиви. Овој голем христијански празник во нашите срца вселува радост, љубов и надеж.

Во овие тешки времиња на предизвици и пандемија, добро е да се потсетиме дека светлината на Христовото Раѓање нè обединува во вербата и во добродетелството, бидејќи со надеж и со љубов се победуваат и најтешките искушенија.

Како одговорни граѓани, во празничните денови што следат, да бидеме и понатаму внимателни, чувајќи го и заштитувајќи го сопственото здравје, а со тоа и здравјето на нашите најблиски.

Ви посакувам Божиќ да го поминете во добро здравје, меѓу своите најблиски.

Честит Божиќ!

Стево Пендаровски