24/04/2024
Македонија

Шаќири: Да ја искористиме целата креативност за промена на црната статистика на македонските патишта, во која жртви многу често се децата и младите

Министерството за образование и наука посветува посебно внимание на заштитата на здравјето и безбедноста на учениците како најранлива група учесници во сообраќајот. Ако појдеме од фактот дека образованието е најдобриот механизам преку кој може да се влијае на начинот на размислување и однесување на цели генерации, тогаш е јасно дека во воспитно-образовниот процес може да се користи широка палета можности за позитивни промени на обрасците на однесување во сообраќајот, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири на панел дискусијата на завршната работилница за преглед на капацитетите за управување со безбедноста во сообраќајот во Република Северна Македонија. Работилницата се организира во рамки на Проектот за подобрување на локалните патишта, за што се обезбедени средства од Меѓународната банка за обнова и развој.

„Едукацијата за сообраќајна култура и за почитување на правилата и прописите во сообраќајот води кон намалување на ризиците на кои се изложени децата и младите како учесници во сообраќајот. Затоа во соработка на МОН, училиштата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и локалните самоуправи, континуирано се реализираат бројни кампањи со цел едукација од најрана возраст за стекнување безбедни сообраќајни навики“, посочи министерот Шаќири.

Претставниците на ресорите и институциите кои имаат директно и индиректно влијание врз безбедноста во сообраќајот искажаа решеност за мобилизирање на постоечките ресурси за намалување на жртвите, повредените и материјалните штети на патиштата и  споделија мислења за нови можности за надградување на овој важен сегмент за општествената благосостојба.

Министерот Шаќири нагласи дека црната статистика на македонските патишта во која како жртви многу често се децата и младите бара од сите да ја искористиме целата креативност во подобрувањето на бројките.

„Темелните реформи на системот на образование овозможуваат учениците покрај стекнувањето применливи знаења и вештини, да усвојуваат норми на однесување, меѓу кои и такви кои се однесуваат на безбедно учество во сообраќајот. Во рамки на слободните изборни предмети, има можност за вклучување на сообраќајната култура, соодветно на возраста на учениците и нивните потреби и интереси“, наведе министерот за образование и наука.

Тој искажа уверување дека создадената синергија како и наодите и препораките од работилницата ќе бидат придонес кон едукативните активности за безбедност на учениците како учесници во сообраќајот.