28/03/2024
Македонија

Шекеринска во посета на американската обука на „Криволак“: Подготвени сме за сојузништво со НАТО

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денес присуствуваше на отворениот ден на Обуката на копнени сили на САД што се одвива на армискиот полигон „Криволак“. Армискиот полигон „Криволак“ за првпат се користи од страна на хеликоптерски единици за копнена поддршка на САД, откако неодамна беше сертифициран од страна на 7-мата Команда за обука на копнени сили на САД во Европа. Тоа претставува важен момент за способноста на Македонија да биде домаќин на воени тренинзи на овој полигон.

Обуката на американските војници претставува можност за АРМ да го провери и демонстрира својот капацитет да биде домаќин на обуки на воениот полигон „Криволак“. Истовремено го прикажува и силното партнерство помеѓу Армиите на Република Македонија и Соединетите Американски Држави и ја нагласува зголемената способност на Македонија да придонесува кон Алијансата.

Министерката Шекеринска имаше можност да набљудува некои од вежбовните активности на американските војници и одблиску да се запознае со сите содржини на вежбата. Во изјавата за медиумите, таа рече дека вежбата и полигонот „Криволак“ се пример дека Македонија не очекува само да стане земја членка на НАТО и да ги користи придобивките на членството, туку и дека има што да понуди на сојузниците.

„Изминатиов период инвестиравме многу во засилување на капацитетите на  Криволак и во негово сертифицирање. Како резултат на фактот што Седмата Команда за обука на воените сили на САД, даде сертификат воениот полигон Криволак да може да го користат и нивните воздухопловни сили, денеска сме на вежба на која за прв пат, освен копнените сили, на полигонот вежбаат и припадниците на дел од американските воздухопловните сили. Тоа покажува дека имаме со што да се пофалиме и дека имаме што да понудиме“, рече министерката Шекеринска.

Шекеринска изрази задоволство од пофалбите што ги дадоа американските партнери како за капацитетот на Криволак така и за поддршката што Армијата на Република Македонија ја дала во текот на вежбата на вооружените сили на САД. „Очекуваме оваа вежба да биде почеток на една поинтензивна фаза на користење на воениот полигон, не само од страна на АРМ туку и од страна на нашите сојузници. Тоа има позитивно влијание и за шансите за Македонија да стане членка на НАТО, но има големо позитивно влијание и врз локалната економија“, рече министерката.

Заедно со министерката Шекеринска на „Криволак“ присуствуваше и заменичката на американскиот амбасадор во Македонија Микаела Швајцер Блум. Таа ја оцени како извонредна можноста да се види како војниците на САД се обучуваат тука во Македонија заедно со нивните македонски колеги. „Важноста на Kриволак за војските на САД и партнерите е само последниот доказ за подготвеноста и спремноста на Македонија за приклучување во НАТО. Партнерството меѓу Македонија и НАТО е силно и ќе стане уште посилно штом Македонија се приклучи на НАТО. САД се посветени на спроведување на пристапниот процес и членството на Македонија во НАТО и ги охрабруваме сите граѓани на Македонија да учествуваат во овој процес и да ја искористат реалната шанса која Македонија во моментов ја има за влез во НАТО и на тој начин да ја гарантираат својата идна безбедност и просперитет“, рече заменичката на американскиот амбасадор.

Министерката Шекеринска и заменичката Блум имаа ретка можност да ги видат и почуствуваат одблизу капацитетите на оружјето што се користи во обуката возејќи се во специјалното оклопно возило „хамви“ додека истото изведуваше вежба на боево гаѓање.

Обуката на Копнените сили на САД за Европа на полигонот „Криволак“ започна на 1 август и ќе трае до 20 август, при што АРМ обезбедува логистичка поддршка, сместување и ги отстапува на користење терените за обука, обезбедува помош и придружба на воениот транспорт до и од полигонот „Криволак“ и ја набљудува обуката.


Видео инсерти: