11/10/2024
Македонија

129-та редовна седница на Владата на РСМ

На денешната 129-та редовна седница Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за преименување на мултифункционалната национална арена „Филип Втори“ во Национална арена „Тоше Проески“.

Владата на РСМ на оваа своја седница ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на Проектот за изградба на 14 пливачки базени во Република Северна Македонија, со што е одобрено отпочнување на постапка за склучување Договор за повеќегодишна јавна набавка за изградба на 14 пливачки базени во Република Северна Македонија, а средствата потребни за оваа намена во тековната 2019 година во вкупен износ од 30.000.000,00 денари да се вклопат во рамки на расположливиот Буџет на Агенцијата за млади и спорт за 2019 година.

Дополнително, со заклучок на Владата на РСМ, Агенцијата за млади и спорт е задолжена во наредните 3 години да ги планира и вклучи средствата потребни за реализација на договорот во буџетското барање за 2020, 2021, и 2022 година, а на општините Штип, Чаир, Струмица, Велес, Неготино, Прилеп, Битола, Гостивар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Тетово и Кичево, им препорача да изберат и предложат локација, за која треба дa побараат и обезбедат Одобрение за градба.

На денешната седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за спроведувањето на активностите за поддршка на приватниот сектор од страна на Центрите за развој на планските региони – Регионални бизнис центри. Во периодот што следува Министерството за локална самоуправа во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка, ќе пристапи кон потпишување на новите анекс договори за финансиска поддршка на регионалните бизнис центри за обезбедување на поддршка за подобрување на советодавните услуги на бизнис центрите, како што е утврдено во Буџетот на проектот.

На предлог на Министерството за локална самоуправа, Владата на РСМ денеска донесе Одлуката за доделување средства за финансирање на проекти за развој на планските региони за 2019 година во вкупен износ од 288.746.849,00 денари.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потпишување на Акционен план за соработка во областа на земјоделството помеѓу Народна Република Кина и Република Северна Македонија за периодот 2020-2022, кој се очекува да биде ратификуван на претстојниот Самит на шефови на држави и влади со НР Кина во рамките на иницијативата 16+1 што ќе се одржи во Дубровник, Република Хрватска.

На денешната седница, Владата одобри Министерството за здравство да ја започне постапката за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка за втората фаза од реконструкцијата, пренамената и адаптацијата и доградбата на ЈЗУ Општа болница Кичево, во вкупна вредност од 298.000.000,00 денари без ДДВ, со тригодишна динамика на исплата на утврдените средства. 

На барањето на Собранието на Република Северна Македонија, Владата на РСМ донесе одлука да даде негативно мислење за предлогот за Регулаторна стратегија за развој на аудио и аудиовизуелната дејност за периодот од 2019 до 2023 година, предложена од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со образложение дека предлогот не е усогласен со другите стратешки документи за развој на оваа област и достави мислење дека предложената Регулаторна стратегија за развој на аудио и аудиовизуелната дејност треба да биде ревидирана.

На оваа своја седница Владата ja разгледа и усвои Информацијата за ослободување од обврската за плаќање на учество (партиципација) при користење на здравствените услуги од страна на повредените патници во сообраќајната несреќа која се случи на 13.02.2019 година на патот Скопје-Тетово, кај селото Ласкарци, во знак на солидарност и сочувство со фамилиите на починатите и повредените.