23/04/2024
Охрид

130 моторциклисти-членови на ИПА доаѓаат на мото-средба во Охрид

130 моторциклисти-членови на Меѓународната полициска асоцијација од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија, денеска доаѓаат во Охрид. Моторџиите, најнапред ќе го посетат туристичкиот комплекс „Св.Наум“, а во 14 часот и 30 минури ќе го започнат дефилето низ Охрид.

Стартот на дефилето е од булеварот „Туристичка“ кај „Билјанини извори“ до кружната крстосница кај „Охридска банка“, а потоа по булевар „Македонски просветители“ до градското пристаниште. За учесниците на ИПА мото средбата, предвидено е туристичко разгледување на Охрид и бродска пловидба по Охридското езеро. 

Посетата на Охрид и денешното дефиле е во рамките на третата ИПА мото средба на мотоциклисти во организација на Меѓународното полициско здружение ИПА Оддел Македонија и Мото Клуб ИПА Македонија, со подршка на ИПА регион Охрид и СВР Охрид. Мото средбата започна пред два дена со дефиле низ Скопје од каде, моторциклистите го посетија Крушево и Битола. Утре во 10 часот, моторциклистите продолжуваат кон манастирот „Св.Јован Бигорски“. 

За време на дефилето, соодветни безбедносни мерки ќе презема сообраќајната полиција при СВР Охрид.