29/03/2024
Македонија

16-ти Мешовит парламентарен комитет помеѓу ЕУ и Македонија во Стразбур

Во рамките на 16-от мешовит парламентарен комитет меѓу Република Северна Македонија и Европската унија, кој денес се одржа во Стразбур, се усвои документ со кој се препорачува почеток на преговорите со Република Северна Македонија за членство во Европската унија. Исто така, во усвоениот документ е констатиран напредок во клучните области на владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата, што претставува солидна основа за следниот извештај на Европската комисија и ќе обезбеди позитивна клима пред јунските самити на Советот на ЕУ.

Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, во своето обраќање истакна дека ова парламентарно тело секогаш е силен поддржувач на евроинтегративните процеси на Република Северна Македонија и придонесува во развојот на соработката меѓу Собранието и Европскиот парламент. Заблагодарувајќи им се на членовите на мешовитиот парламентарен комитет, Република Северна Македонија – ЕУ, ЗМНР Жерновски истакна дека сме горди на постигнатото и перспективите кои ги отворивме за Република Северна Македонија. Свесни сме дека пред нас претстои уште многу работа, но досегашниот успех ни дава оптимизам дека ќе успееме во исполнување на нашите стратешки определби.

Во своето обраќање пред претставниците на Европскиот парламент, пратениците на Собранието на Република Северна Македонија и другите претставници на европските институции, ЗМНР Жерновски рече дека во изминатата година Република Северна Македонија успеа да направи видлив напредок во исполнување на стратешките цели, односно членство во НАТО и во ЕУ: „Очекуваме определување на конкретен датум за преговори на нашата земја со ЕУ, од страна на Советот на ЕУ, во јуни оваа година. Ризикот од одлагање на донесување на ваква одлука ќе значи губење на моментумот, кој што беше изграден со огромни напори од страна на Северна Македонија и Грција. Ќе значи обесхрабрувачки сигнал за државата и ќе го забави реформскиот процес, а ќе создаде и непредвидиливост од создавање на нови можности. Од друга страна, пак, отворањето на преговорите ќе значи продолжување на продукцијата на добри вести, инвестиција во стабилноста и просперитетот на ЕУ, демонстрација на кредибилност и посветеност кон основните ЕУ вредности. Тоа нема да значи и членство, туку почеток на едно подолго патување кое ќе придонесе кон суштинска трансформација на општеството”.

Понатаму во обраќањето пред членовите на МПК РСМ-ЕУ, ЗМНР Жерновски истакна дека консолидацијата на Европската унија може и треба да се одвива паралелно со европската консолидација на Балканот. „За нас, Европа значи многу повеќе отколку само унија, отколку само раст и економска сигурност. За нас, Европа значи да живееме во модерно, рамноправно и отворено општество, со јасни демократски стандарди, во кое владее правото, во кое живее солидарноста, во кое функционираат подобри судови и во кое правата се еднакви за сите”, потенцираше Жерновски.