23/04/2024
Македонија

18 Октомври- Европски ден за борба против трговија со луѓе

„18-ти Октомври, е само еден ден од 365 дена во годината. Нашата борба и нашето внимание против ова зло на човештвото, трговијата со луѓе, не може и не смее да трае само еден ден. Затоа што, секој ден во годината отприлика над 2000 луѓе во светот се жртви на трговија со луѓе“, рече националниот координатор и државен секретар во Министерството за внатрешни работи г-ѓа Магдалена Несторовска на прес конференцијата по повод одблежувањето на 18-ти октомври, Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, што се одржа во просториите на ЕУ Инфо центарот во Скопје.

„Илјадници луѓе во светот стануваат робови во 21 век од една страна, а многу криминални структури во светот од друга страна стекнуваат огромни нелегални профити, баш од ова ропство. Македонија не е исклучок од оваа појава. И затоа сметам дека вистинската борба на една држава против трговијата со луѓе може да биде само континуиран, упорен, мултиинституционален напор и ангажман во сите сегменти на општеството, кој трае цела година, и обезбедува адекватен и брзо адаптибилен модел на реагирање во зависност од промената на формите и појавните облици на ова зло на денешнината. Досегашните наши резултати, нашата посветеност и континуираните наши заложби за ефикасно справување со овој криминал, ја вбројуваат Македонија во оние земји кои решително се спротивставуваат на проблемот поврзан со трговијата со луѓе. Доказ посветеноста на Владата на Република Македонија е и формирањето на Националната Единица во МВР- TASK FORCE за криумчарење на мигранти и трговија со луѓе и формираните мобилни тимови. Дека ова беше вистински чекор говори резултатот: за само нешто повеќе од шест месеци, Националната единица и Мобилните тимови имаат шестоструко поголем ефект во детектирањето на жртвите на трговија со луѓе. До сега идентифкувани се седум женски лица- жртви на трговија со луѓе, од кои шест деца“, истакна националниот координатор Несторовска.

На прес-конференцијата свои обраќања имаа и Јована Тренчевска – државен секретар при Министерството за труд и социјална политика, Никола Бертолини – раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европска Унија и Соња Божиновска Петрушевска – раководител на канцеларијата на Меѓународната организација за миграции.