05/12/2024
Македонија

28 септември – Меѓународен ден за пристап до безбеден и легален абортус

Под слоганот „Абортусот е здравствена заштита“, оваа година светот го одбележува 28 септември – Меѓународниот ден за пристап до безбеден и легален абортус. На овој ден, сите жени во светот потсетуваат дека непланираната бременост и абортусот се составен дел од нивниот сексуален и репродуктивен живот и здравје, и се од суштинско значење за остварување на репродуктивната слобода. Секое ограничување или забрана на абортусот ја поткопува родовата рамноправност, ја потценува способноста на жената да одлучува за своето здравје и добросостојба и го зголемува ризикот од небезбеден абортус.

„Затоа, ние, како граѓански организации, се залагаме за пристап до безбеден абортус како право на здравствена заштита за сите жени на коишто им е потребен.

Со неодамна усвоениот Закон за прекинување на бременоста ја вративме репродуктивната слобода: жената сега може слободно и самостојно да одлучува дали и кога ќе има деца, има право да добие стручен совет само доколку самата побара, не е присилена да чека 3 дена за да ја добие услугата, абортусот до 9-тата недела може да се изведе и од матичен гинеколог, и што е најважно – се воведува правото на медикаментозен абортус.

За жал, во нашата земја медикаментозниот абортус сѐ уште не е достапен. Во голем број европски земји каде овој метод се применува веќе од поодамна, се изведуваат повеќе од 80% од абортусите. Достапноста на лековите (апчињата) за медикаментозен абортус значи и подобра здравствената заштита на жените, особено во раната бременост. Овој метод нуди поголема безбедност по здравјето за разлика од хируршкиот абортус, а жените го чувствуваат како поприфатлив.

Затоа, го повикуваме Министерството за здравство и релевантните институции што побрзо да обезбедат достапност на лековите за медикаментозниот абортус во болниците и гинеколошките ординации. Примената на новата законска регулатива нема да биде целосна доколку жените и понатаму останат без правото да одберат побезбедна опција за заштита на своето репродуктивно здравје и планирање родителство. Медикаментозниот абортус е право на здравствена заштита, а неостварувањето на ова право значи недоволна грижа на здравствениот систем за унапредување на здравјето на жените.“- стои во соопштението на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување го одбележува овој ден со проекција на документарецот „Предизвикот на Роу“ и дискусија со цел подигање на свеста за репродуктивното здравје и слобода на жените.