28/03/2024
Македонија

40 години од формирањето на Специјалната aнтитерористичка eдиница – Тигар

 

 „Денеска Специјалната aнтитерористичка eдиница, позната како „Тигар“, одбележува 40 години од своето постоење.Тоа е сериозна годишнина достојна за прослава со сите највисоки почести бидејќи Специјалната антитерористичка единица денес е синоним за обученост според највисоки стандарди кои ги налага борбата против тероризмот и  криминалот. Синоним за професионалност, за максимална храброст и подготвена да се спротивстави на каков и да е предизвик со кој е доведена во прашање безбедноста на земјата и граѓаните“, рече претседателот на Владата Зоран Заев во обраќањето денеска на одбележувањето на 40 години од формирањето на Специјалната антитерористичка единица на МВР.

Како членка на НАТО и на глобалната коалиција за борба против тероризмот, Северна Македонија со својот адаптиран воено-безбедносен систем според стандардите на НАТО, свое значајно место има и Специјалната Антитерористичка Единица која е оспособена во борбата со насилниот екстремизам и тероризам да спроведува највисоките борбено-технички вештини.

„Борбата против тероризмот, радикализацијата и насилниот екстремизам и заштитата на националната безбедност и безбедноста на сите граѓани на нашата земја се во врвот на приоритетите на Владата на Република Северна Македонија, а оваа единица е еден од гарантите на овој приоритет. Секој припадник на оваа единица е апсолутно свесен какви ознаки носи на својата униформа и дека таа чест и привилегија од секој нејзин припадник бара крајно високи и специфични вештини и етика.Убеден сум дека реорганизираната и модернизирана Специјална антитерористичка единица – Тигар ќе го продолжи трасираниот четириесет годишен пат на високо мотивирана, врвно организирана и подготвена служба, која заедно со сите останати сегменти на нашиот безбедносен систем е гарант за мирот и безбедноста на граѓаните и за заштитата на уставниот поредок на државата“, рече претседателот на Владата Зоран Заев.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето потенцира дека денешното одбележување на 13 Март има своја исклучителна посебеност од две причини.

„Првата е дека денес одбележуваме еден многу значаен јубилеј, а тоа е четири децениско постоење на единицата; и втората, фактот дека како резултат на нашите заеднички реформски напори за сеопфатно техничко, материјално, професионално и организациско унапредување на министерството за внатрешни работи и негово вредносно стандардизирање согласно критериумите на НАТО и ЕУ, ја промовираме единицата во Специјална антитерористичка единица – Тигар, назив што сосема соодветствува со новата структурно-концепциска надградба на оваа полициска организациона единица. Тоа пак, без никаква дилема, може да го оцениме како логичен епилог на еден системски, динамичен, професионален четириесетгодишен раст и развој на единицата, во кој што бројни генерации нејзини припадници, без оглед на турбулентноста на времињата, оставија силен и неизбришлив печат во создавањето на богатото и успешно професионално портфолио исполнето со бројни ангажмани, со самопрегор, со жртви, во името на примарната и основна полициска задача – заштитата и безбедност на сите граѓани, но и на мирот и општествениот поредок на нашата држава.И, секако, тоа е епилог и од нашите заеднички неколкугодишни напори преку конкретни активности и инвестирање во драстично подобрување на материјално-техничките, професионални и организациски капацитети на единицата, да ја сообразиме – како со потребите на министерството, така и кон потребите и предизвиците на новите околности и трендови што влијаат врз егзистирањето и развојот на модерните демократски општества во Европа и во светот“, рече министерот Спасовски.

Во тој контекст, истакна министерот Спасовски, успешно беше надминат долгогодишниот акутен проблем на недостиг на соодветна техничко-оперативна опременост на единицата, тргнувајќи од базичните потреби – целосно подобрување на материјално-техничката опременост на секој еден припадник на единицата, а преку комплетна набавка на полициска опрема соодветна на намената и посебните, специјални задачи на единицата, реализирана во 2018 година.

„Истовремено, напоредно со тоа елементарно опремување на полициските специјалци, тргнавме во инвестициски процес на квалитативно подигање на техничко-тактичките и оперативни капацитети на единицата при што примарно ни беше реализацијата на таквите активности строго да се одвива врз основа на реалните потреби, вклучително и врз основа на постигнувањето на зацртани европски полициски стандарди. Таквите цели, како што гледаме денес, веќе ги достигнуваме, со право горди на потенцијалите, на постигнатиот професионален статус и перформанси на Специјалната антитерористичка единица – Тигар, која сега буквално по ништо не заостанува од истородните елитни полициски единици во Европа.Низ годините наназад преку секојдневните и пред се -успешни активности единицата достигнуваше и воспоставуваше нови и високи стандарди етаблирајќи се како суштински дел од полицискиот систем на функционирање. Факт што мора да се почитува и да се одржува како таков. Се разбира, големата кредибилност и доверба значат и големи очекувања, но јас немам дилеми Специјалната антитерористичка единица и во иднина ќе биде секогаш на висината на задачите, темелна и ефикасна во заштита на сето она што им е доверено по Устав и закони“, рече министерот Спасовски.

Командантот на САЕ Митко Даневски рече дека од формирањето до денес низ редовите на единицата поминале 700 припадници на македонската полиција, а посебно место во историјата на единицата имаат полициските службеници кои ги дадоа своите животи извршувајќи ја својата должност, на првата борбена линија.

„Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ во изминатите 40 години беше и продолжува да биде чувар на уставниот поредок на државата, во борбата против тероризмот и организираниот криминал, гарантирајќи го мирот, слободата и безбедноста на сите граѓани на нашата земја“, рече Даневски. 

.