5 Мај – Ден на македонскиот јазик
На денешен ден, 5 Мај, го одбележуваме Денот на македонскиот јазик – денот кога во 1945 година е усвоена македонската азбука. Генезата на македонскиот писмен јазик ја следиме уште од првите црковнословенски ракописи од X-XI век, кога се појавуваат првите типично македонски зборови, и тој развој го следиме низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на XVI век. Во XIX век веќе се појавува јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот – свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 година.
Тој континуитет е потврден на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година – датум од огромно значење за нас, кога македонскиот јазик за првпат и официјално станува службен јазик во македонската држава. По официјализирањето, на 5 мај 1945 година со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот „еден глас – една буква“, азбука која се надоврзува на претходната писмена традиција – црковнословенската кирилица, реформираната кирилица (т.н. граѓанка), како и графичкиот систем што го користи Мисирков.
На 7 јуни 1945 година е усвоен и правописот на македонскиот јазик, а набргу потоа следуваат основоположничките дела на Блаже Конески – „Граматика на македонскиот литературен јазик“, „Речник на македонскиот јазик“ и „Историја на македонскиот јазик“ – со што се заокружува кодификацијата.
Од тој момент, македонската азбука и правопис се користат во практиката и се впрегнуваат во секојдневната употреба од сите сфери на животот. Македонскиот јазик го положи тестот на писмената практика со највисока оцена – доказ за тоа се илјадниците дела напишани на македонски јазик: од уметничка литература до научни трудови, од разговорен јазик до јазик на општеството, просветата, културата и медиумите.
Денес го одбележуваме 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, за да му оддадеме почит на минатото и да се обврземе кон иднината: да го чуваме, негуваме, афирмираме и развиваме – за да може македонскиот јазик да го следи научниот и технолошкиот напредок, а истовремено да остане убав и наш – на него да пееме, да твориме, да мислиме и да живееме.
Нека ни е честит Денот на македонскиот јазик!
