29/03/2024
Македонија

51 санкции за возење под дејство на алкохол, 112 казнети мотоциклисти (ВИДЕО)

Министерството за внатрешни работи во изминативе денови  спроведува засилени акциски контроли за санкционирање на возачите што управуваат возило под дејство на алкохол, како и за санкционирање на прекршоците што ги прават возачите на мотоцикли, а во текот на вчерашниот ден (11.06) санкционирани се 51 возач за возење под дејство на алкохол на територијата на целата држава, како и 112 возачи на мотоцикли кои не ги почитувале сообраќајните правила на територијата на целата држава, соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски на прес конференција во Крушево.

„Засилените контроли продолжуваат и денеска и во наредните денови, а евидентно е намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат. Како резултат на преземените мерки, намален е бројот на жртви во сообраќајни незгоди, 2020 година е година со најмал број на жртви (125). И во текот на 2021 година продолжува трендот на намалување на бројот на сообраќајни незгоди, како и бројот на жртви. Во периодот од 1 јануари до 15 април 2021 година бројот на сообраќајни незгоди е намален за 12 отсто во однос на истиот период лани, а бројот на жртви е намален за 14 отсто“, рече Ангеловски.

Засилените акциски контроли, според Ангеловски, се насочени пред се кон санкционирање на прекршоците што, според анализите на МВР, се најчести причини за тешки сообраќајни незгоди, како што е возењето со поголема брзина од дозволената, возењето под дејство на алкохол и сл.

„Апелираме до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, рече Ангеловски.