23/04/2024
Македонија

55. јубилејно издание на манифестацијата „Рацинови средби“

Еминентни писатели, поети, академици, ќе учествуваат на претстојното 55-то издание на културната манифестација „Рацинови средби“ 2018, кои ќе бидат збогатени со нови научни содржини и богата културно – уметничка програма …

Годинава се одбележуваат три значајни јубилеи: 110 години од раѓањето, 75 години од смртта на Коста Солев Рацин и 55-то издание на културната манифестација „Рацинови средби“. 

По тој повод во рамки на програмата на манифестацијата која ќе се одржи на 13, 14 и 15 јуни на Лопушник и во Велес, покрај традиционалното оддавање на почит на Спомен-костурницата и спомениците на Коста Солев Рацин во Велес, програмата вклучува засадување на садници во Рациновата шума, изложба на портрети на Рацин од академскиот сликар Ангел Петров, поетски митинг со учество на 20 поети од земјава и странство, како и Меѓународна конференција на тема „Афирмацијата на статусот и корпусот на македонскиот стандарден јазик – Рацин и македонскиот јазик“ во организација на Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија.

Програмата вкулучува и промоција на книга од проф. д-р. Вера Стојчевска-Антиќ посветена на Коста Солев Рацин. Годинава честа да ја напише Беседата за Рацин ја има проф. д-р. Кристина Николовска.

Наградите Антологија на болката, Почесното Рациново признание и Рациновото признание за 2018 година ќе бидат доделени на 15 јуни во Велес. Рациновите средби 2018, со свој настап ќе ги збогатат камерно-црковниот хор „Св. Великомаченик Пантелејмон“, македонскиот и светски виртуоз на гитара Влатко Стефановски и етно-групата Љубојна“. Главните свечености ќе се одвиваат во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“.