19/04/2024
Македонија

98% од децата од прво до трето одделение седнаа во училишните клупи, онлајн наставата е стабилна

Министерството за образование и наука информира дека првиот училишен ден во основните и средните училишта помина во најголем дел успешно. Настава со физичко присуство во основните општински училишта започна за речиси сите деца од прво до трето одделение,односно 98% седнаа во училишните клупи, а останатите 2% одлучија наставата да ја следат од далечина. Наставата со физичко присуство се организираше согласно протоколите утврдени од здравствените власти, со цел максимално да се намалат ризиците од ширење на КОВИД-19 и да се заштити здравјето на сите учесници во образовниот процес.

Во однос на онлајн наставата МОН информира дека досега околу 70% од учениците и наставниците во средните и основните училишта се вклучиле успешно, или со помали проблеми ги одржале онлајн часовите. Од друга страна, 20% од учесниците на онлајн часовите во основно образование пријавиле проблеми во најголем дел со опремата со која располагаат училиштата, интернетот, или опремата на учениците. МОН е во постојана комуникација и координација со општините и директорите на училиштата за надминување на овие предизвици.

Од утрово успешно се реализира и емитувањето на 15 минутните часови на телевизија преку Националната радио телевизија за што однапред се објавени распоредите.

Платформата за онлајн предавања поставена преку Microsoft teams е стабилна и досега не се детектирани покрупни проблеми. МОН, заедно со сите учесници во креирање на платформата продолжува и понатаму будно да ја следи состојбата на терен.