25/04/2024
Македонија

AХВ спроведува засилени инспекциски контроли во месарниците

Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува засилени инспекциски контроли во месарниците во земјава. Од декември досега, официјалните инспектори ги исконтролираа условите за производство, чување и трговија со месо и производи и подготовки од месо во 398 месарници.

Со контролите констатирани се недоследности кои се однесуваат на нехигиена во објектите, неспроведени мерки за дезинфекција и дезинсекција, неправилно декларирање на месото, непоседување на комерцијален документ за пратка месо. Со контролите утврдено е и дека некои од операторите немале План за вршење на микробиолошки анализи на производите и подготовките од месо, а утврдено е и дека еден оператор со храна вршел дејност во нерегистриран објект од Агенцијата за храна и ветеринарство.

За констатираните недоследности кај операторите со храна кај кои се спроведени контролите, донесени се 25 решенија за отстранување на недостатоците, спроведени се 9 едукации и изречени 11 парични казни во висина од 3 до 5 илјади евра во денарска противвредност.

Како небезбедени поништени се 414 килограми производи од животинско потекло кои биле произведени во несоодветни услови, односно, во неодобрен објект од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Засилените инспекциски контроли на месарниците, официјалните ветеринари ќе продолжат да ги спроведуваат и во наредниов период и тоа на цела територија на Република Македонија.