29/03/2024
Струга

Аџиоски: Наместо решение во здравствените институции, стружани дома се враќаат заразени од морбили

ВМРО-ДПМНЕ ОК Струга денес одржа прес-конференција на која говореше претседателот на Општинскиот комитет, Мирче Аџиоски.

„За жал, деновиве сме сведоци на прогласување епидемија на морбили или мали сипаници, на подрачјето на општина Струга. Забележлива е голема загриженост кај граѓаните, особено кај родителите и со целосно право бидејќи заразени од оваа болест, се возрасни, а исто така и деца, бројката од 24 заразени е во постојан раст, а според епидемиолозите се очекува, таа бројка, да се зголемува во наредниот период. Загрижувачки е и фактот што, освен заболени граѓани и деца, има и 7 медицински сестри и 1 хигиеничарка вработени во општата болница во Струга.

Следствено на сето ова, се поставува прашањето:

-Како е можно да се дозволи, во 21 век да се заразат медицински лица од болницата, кога токму таму, во здравствените установи, каде што се лекуваат болните, хигиенските услови треба да бидат на највисоко ниво, а дезинфекцијата да биде зголемена? Се разбира, истото важи и за образовните установи и градинките. Се прашуваме:

-Дали и таму се извршени потребните процедури за дезинфекција поради превенција од епидемијата или пак, загриженоста на родителите целосно е оправдана?

Бараме од надлежните органи, Министерството за здравство и ресорниот министер, Венко Филипче, Министерството за образование и наука и ресорниот министер, Арбер Адеми, како и директорот на општата болница во Струга и директорите на училиштата и градинките во општина Струга, да не бидат глуви и слепи за оваа опасна и заразна болест, туку што поскоро, да ги преземат сите можни мерки за извршување засилена дезинфекција во образовните установи, како и во болницата.

Стравот кај граѓаните на Струга и струшко да се обратат во здравствените институции е се поголем бидејќи наместо таму да го најдат решението за својата мака, тие оттаму, дома се враќаат заразени од морбили. Очигледно е дека оваа власт на СДСМ, не не води кон Европа, туку од 21 век, не врати многу назад, некаде во средниот век.“ – истакна Аџиоски.