18/04/2024
Македонија

АХВ домаќин на конференцијата „Соработка на тема – Едно здравје на ниво на земјите од регионот“

Во рамки на меѓународно дефинираниот концепт Едно Здравје, денес и утре, во Скопје, Агенцијата заа храна и ветеринарство е домаќин на регионалната конференција “Соработка на тема – Едно здравје на ниво на земјите од регионот”. Конференцијата се реализира со поддршка на Твининг проектот финансиран од Европската унија – “Понатамошен развој на контролните системи на надлежните органи за заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата” и на неа се разгледуваат можностите за воспоставување на хармонизиран систем и идентификување на најдобрите практики поврзани со ново-појавените инфективни болести и антимикробната резистенција во земјите од регионот.

Целта на мултисекторскиот трансдисциплинарен пристап кој се спроведува на локално, регионално, национално и глобално ниво од страна на сите активни чинители е да се постигнат оптимални резултати во областаа на здравствената заштита кај луѓето, животните, растенијата и нивнита заедничка средина.На конференцијата се разменуваат знаењата и искуствата на експерти од релевантните области со фокус на воспоставување и спроведување на концептот “Едно Здравје”, а во насока на обезбедување на генерална слика за епидемиолошката состојба и дефинирање на потенцијалните решенија за воспоставување долгорочна соработка помеѓу институциите во регионот, кои се надлежни за спроведување на ветеринарната полика и здравствената заштита на луѓето.

„Здравјето на луѓето зависи од здравјето на животните, растенијата и животната средина, и за да се подобри, неопходно е континуирано јакнење на националниот систем за безбедност на храна, ветеринарното и хуманото здравство.Исклучително е важно и опсервирањето, постојаното надгледување, како и подготвеноста за навремено реагирање во координација со сите служби,“ рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

Оценка на заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски е дека освен здравствен, влијанието на болестите кај животните кое често се одразува и врз луѓето, има економски, како и социјален карактер.

Дури 61 проценти од заразните болести во светот се предизвикани од зоонози. За превенција, нивно спречување и искоренување неопходна е соработка помеѓу ветеринарните и здравствените служби на локално, регионално и глобално ниво, порачаа учесниците на конференцијата.

Експертите истакнаа дека се почесто се појавуваат нови болести кои досега ги немало во нашава земја и регионот.

„Нови видови инсекти, преносители на болести, пронаоѓаат патишта и адекватен амбиент за опстанок во Европа каде досега не биле присутни. Таков пример е болеста Јазлеста кожа со која првпат се соочивме во 2016 година“, изјави директорката на Администрацијата за безбедност на храна од Црна Гора, Весна Даковиќ.

На конференцијата, претставници од Агенцијата, од министерствата за здравство и земјоделство, Институтот за јавно здрвје, од Факултетот за ветеринарна медицина, Медицинскиот факултет, од ветеринарната комора и првите луѓе на ветеринарните служби на Босна и Херцеговина, Бугарија и Црна Гора и високи претставници на институтите за јавно здравје, центрите за проценка на ризик во синџирот на храна од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Црна Гора ќе разменат искуства за превенцијата, спречувањето и искоренувањето на болестите за што е неопходна соработка меѓу ветеринарните и здравствените служби.