15/10/2024
Македонија

АХВ почна со реализација на нов проект во рамки на ИПА 2015

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) почна со спроведување на новиот проект “Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи ”кој ќе се реализира со финансиска поддршка од Европската унија во рамки на ИПА 2015. АХВ како носител, проектот ќе го спроведе во соработка со Фитосанитарната управа, Државната фитосанитарна лабораторија и Државниот инспекторат за земјоделство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и кои заедно ќе реализираат две од шест дефинирани компоненти. Проектот е со вредност од 1,6 милиони евра и ќе се реализира во наредниве две години.Директорот на АХВ Зоран Атанасов и стручни лица од Секторот за меѓународна соработка во Агенцијата, деновиве одржа работен состанок со Лоренцо Грациоли, директор секторот за земјоделство и рурален развој на италијанската компанија “Агриконсалтин Еуропа СА” и тимот од оваа компанија која ќе го реализира проектот. На состанокот детално беа разгледани компонентите и динамиката на реализација на дефинираните активности.

Подобрување и олеснување на трговијата и подобрување на конкурентноста на македонските земјоделски производи и нивните преработки на европскиот и светскиот пазар, унапредување на ефективноста и квалитетот на работата на релевантните институции, зајакнување на постојните информациски системи на надлежните институции и зголемување на свеста на јавноста во областа на подобрување на здравјето на животните, јавното здравје и здравјето на растенијата. Ова се дел од целите кои треба да бидат постигнати во рамки на овој проект.

Првата компонента се однесува на пренесување на новата ЕУ легислатива од областа на ветеринарството и безбедноста на храната со цел нејзино ефикасно спроведување на национално ниво. Во нејзини рамки ќе бидат имплементирани новините од регулатива (ЕУ) 2016/429 (“Законот за здравје на животните”) во националното законодавство и одредбите од Стратегијата за здравје на животните. 
Втората компонента се однесува на зајакнување на капацитетот во областа на безбедноста на храната во рамки на која посред планираното ќе се подобруваат знаењата и вештините кои се однесуваат на одредување на присуството и концентрациите на загадувачите на храна, остатоците од пестициди во и врз храната, ГМ храна и оценувањето на нивното влијание врз здравјето на луѓето. Исто така ќе се врши и следење на органските производи, микробиолошките критериуми и други опасности во храната, а во согласност со релевантните ЕУ стандарди, ќе се унапредат и знаењата кои се однесуваат на општите и специфичните барања за пластика, керамика и други видови материјали кои доаѓаат во контакт со храна.

Овој проект ќе дефинира јасни процедури за додатоците во храна, во однос на специфичните законски барања за безбедност, особено во однос на минималните и максималните нивоа на витамини и минерали и додавањето на растителни и разни биоактивни супстанции, како и јасни процедури за исхрана и здравствени барања во однос на специфичните законски барања за безбедност на храната. Ќе се подобрува контролата на пазарот на овластени, неовластени и on-hold здравствени барања за етикетирање на храна и на усогласеноста со барањата утврдени во законодавството поврзано со нус производите од животинско потекло.

Во рамки на проектот планирано е да се подобри и системот за ветеринарно медицинските препарати во однос на нивната употреба и за фармаколошка внимателност, за кои одредбите од новата ЕУ легислатива се инкорпорирани во националното законодавство. Оваа компонента ќе опфати и активности кои се однесуваат на следење на активности за флексибилно спроведување на законодавството на ЕУ поврзано со производството и пуштањето на пазар на храна од животинско потекло, системот за управување со квалитет кој е воспоставен во рамки на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во рамки на третата компонента постојниот информациски систем на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе биде надграден и подобрен, според интернационалните и националните барања, стандарди и легислатива, а со четвртата компонента ќе се спроведат активности за подигнување на јавната свест за подобрување на квалитетот на сурово млеко во примарното производство, за барањата и обврските од Законот за благосостојба на животните. Со оваа компонента ќе биде опфатена и кампањата за етикетирањето на храната, особено за информациите за исхраната и здравствените тврдења поврзани со хербалните компоненти или билни екстракти, како и за квалитетот на храната. Во рамки на оваа компонента ќе се работи и на подигање на свесноста кај генераторите на нус – производи од животинско потекло (индустрија, фармери и сл.), во однос на пропишаните законски обврски.

Петтата и шестата компонента од проектот “Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи ”кои ќе ги реализираат Фитосанитарната управа, Државната фитосанитарна лабораторија и Државниот инспекторат за земјоделство, се однесуваат на дизајн, развој и имплементација на фитосанитарен информациски систем и на понатамошен развој и зајакнување на капацитетите на надлежните органи во фитосанитарниот сектор.