28/03/2024
Охрид

Активности за одбележување на Светскиот ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА

1-ви декември Светскиот ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА (1-7.12.2018), Црвен крст Охрид во соработка со Опција Охрид и Центар за јавно здравје Охрид го одбележува со низа активности кои се во рамки на светската кампања под мотото “ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ, ДОЗНАЈ ГО СВОЈОТ СТАТУС”.

Со цел да се подигне нивото на свеста во јавноста за СИДА и изрази поддршка на оние кои што живеат со ХИВ, на 1 декември волонтерите на Црвен крст Охрид на минувачите на јавни места низ градот, на вработените и посетителите во градските кафулиња, маркети, продавници, ставаа црвени панделки како универзален симбол за свеста дека СИДА-та постои и како поддршка на оние кои живеат со СИДА, а беа делени и едукативни флаери за начинот на пренесување, превенција и заштита од инфекција со ХИВ вирусот.

Во основните и средните училишта дистрибуирани се типизирани предавања со цел учениците да се запознаат со основните знаења за вирусот на ХИВ, начин на пренесување и заштита.

Во текот на Неделата на борба против СИДА едукаторите за СИДА на Црвен крст Охрид ќе реализираат интерактирвни едукативни предавања, работилнци и трибини за младите во просториите на Црвен крст Охрид и во училиштата. Во соработка со Центар за јавно здравје Охрид и Опција Охрид предвидени се и едукативни работилници во казнено поправните установи во Охрид и Струга.

Активностите кои секоја година се организираат по повод Светскиот ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА имаат за цел да го свртат вниманието на јавноста за значењето на превенцијата и раното откривање на инфекцијата со ХИВ вирусот.

И оваа година активностите во кампањата за борба противХИВ/СИДА се поддржани од Canadians for Children at Health Risk од Канада.