20/04/2024
Македонија

Алаѓозовски на основачкиот состанок на Комисијата за Охридскиот регион: Посветеност за решавање на наталожените проблеми

Денес во Клубот на пратеници во Скопје се одржа основачкиот состанок на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион. „Свесни сме за алармантната состојба на Охридскиот регион, кој поради долгогодишната негрижа може да стане дел од Листата на градови во опасност на УНЕСКО“, предупреди министерот Алаѓозовски во неговото обраќање, осврнувајќи се на активностите кои се преземаат за решавање на предизвиците…

Состанокот на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион го отворија министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски и Билјана Зефиќ, в.д директор на Управата за животна средина, а освен членовите на Комисијата, присуствуваа и пратеничките во Собранието на Р.М, Маја Морачанин и Ирена Стефоска, претседател на Комисијата за култура во законодавниот дом кои ги поздравија присутните, како и в.д директорката на Управата за заштита на културното наследство на Р.М, Елеонора Петрова – Митевска.

Во неговото обраќање на првиот состанок на Комисијата, министерот Алаѓозовски ја истакна важноста на Охридскиот регион, е еден од најрепрезентативните региони во Република Македонија според големата концентрација на природни и културни вредности. Осврнувајќи се на историјатот на заштитата и правната рамка, тој ја истакна комплексноста и чувствителноста на проблематиката, која ја опфаќа заштита на културното и природното наследство на Охридскиот регион како светско наследство и упатува на сериозна меѓусекторска соработка, со цел почитување и применување на универзалните вредности и принципи, вградени во меѓународните инструменти, пред сè во Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на културното наследство.

„Како министер за култура и претседател на Националната комисија за УНЕСКО на РМ, свесен сум за тежината на работата, која и претстои на Комисијата. Проблемите се акумулирани со години наназад, во различни сектори. За да се надмине оваа состојба потребна е сериозна посветеност, професионален ангажман, време, но и политичка поддршка. Затоа сме овде со претставниците на Собранието на РМ и сите надлежни институции, да ја потврдиме нашата недвосмислена заложба и волја да помогнеме во реализацијата на вашите активности“, потенцираше министерот Алаѓозовски.

Основачкиот состанок на Комисијата се одржа откако претходно Владата на Република Македонија, на својата 50 седница одржана на 23 јануари 2018 година, именуваше претседател, заменик-претседател и членови на оваа Комисија.