20/04/2024
Македонија

АМС и Владата доделија благодарници за младите научници

На свечен прием во Клубот на пратеници во Скопје, денеска, директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Дарко Каевски, придружуван од посебниот советник за млади и спорт на премиерот Зоран Заев, Ѓорги Тасев, на неколку десетици ученици им врачи благодарници за нивните учества и освоени награди и медали на меѓународни олимпијади од областа на хемијата, физиката, математиката и информатиката.

На настанот, освен учениците, учествуваа нивните родители, професори, ментори и претставници на Друштвото на физичарите, Здружението на информатичарите и Сојузите на хемичарите и технолозите, како и на математичарите, на кои исто така им беа доделени благодарници.

„Владата силно верува и ги поддржува младите во нивната слобода, креативност, знаење и во можностите за нивно изразување од кои бенефит имаат сите граѓани и целото општество. Искористувањето на иновативниот потенцијал кај поединецот е суштинска основа за градење на општество, базирано на знаење“, рече посебниот советник за млади и спорт, на премиерот Заев, поздравувајќи ги присутните во свое лично име и во име на Владата на Република Македонија и нејзиниот претседател.

Истакнувајќи ја важноста на потенцијалот на младите и талентирани луѓе, Тасев рече дека Владата, Агенцијата за млади и спорт и сите надлежни институции ќе продолжат со интензивирањето на поддршката за подобрување на условите за стекнување на нивните знаења, истражувања и подобри резултати.

Директорот Каевски на присутните им ги честиташе резултатите кои ги постигнале на меѓународните натпревари, заблагодарувајќи им се на сите учесници и тимовите кои ги подготвувале за несебичното залагање.

„Од позиција на директор на Агенцијата за млади и спорт, како највисока институција која е надлежна за креирање младински политики во државата и пред се како млад човек, секогаш несебично ќе се залагам за поддршка на младите таленти, чија единствена грижа треба да биде нивното надоградување и остварување поголеми успеси, а државните институции се тие што треба да се грижат за сето она друго останато“, истакна Каевски.

Директорот Каевски истовремено го претстави новиот Правилник со кој се дефинираат критериумите и постапката за поддршка на млади таленти и со кој се планираат двојно повеќе средства за идната година.

Правилникот, според Каевски, е основа за изнаоѓање на системски решенија за оваа област, кои ќе се заокружат со донесувањето на Законот за млади, кој е во подготовка и чиј Предлог-текст веќе се  креира заеднички од страна на пратениците, Владата, граѓанските организации и сите засегнати страни.

Средбата беше искористена да се искажат сугестии кои може да се внесат во Правилникот и претставниците на Владата изразија подготвеност да се вметнат сите решенија кои ќе им помогнат и ќе ја зголемат мотивираноста на талентираните ученици и нивните тимови да учествуваат на регионални и меѓународни натпревари.