29/03/2024
Македонија

Андовска и Димушевски се наградени со „Панче Пешев“ за 2017 година

Наградата ,,Панче Пешев“ која претставува највисоко професионално признание кое Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ го доделува на музички творци и музички писатели со цел да се истакнат најзначајните музички достигнувања во областа на музичкото творештво и музикологијата во текот на една година, за 2017 година се доделува на композиторот Кокан Димушевски за делото „Светилничарот“ и на композиторката Дарија Андовска за делото Apoptosis-A Brief History of Small Deaths…

Делата на композиторите Дарија Андовска и Кокан Димушевски беа изведени на јубилејниот 40-ти фестивал „Денови на македонска музика“, на концертот на акузматична музика. Овие композиции се создадени во 2016 година и се едни од добитничките на награда на конкурсот за нови дела на Министерството за култура на Р. Македонија.

Истите, својата премиерна изведба ја остварија во 2017 година и имаа одличен прием кај публиката и критиката. Како што велат од СОКОМ, овие впечатливи и несомнено квалитетни музички остварувања имаат особено значење во збогатувањето на македонската музичка уметност, но и во градењето на една нова музичка естетика во однос на вообичаениот репертоар на нашите сцени.

Наградата „Панче Пешев“ на композиторите Андовска и Димушевски ќе им биде врачена утревечер пред почетокот на концертот на Македонската филхармонија, на свеченото отворање на 41-те „Денови на македонска музика“.