Ангеловски и Ристовски: Посакуваме победа на стартот од Лига на нации

На официјалната прес-конференција спроти утрешниот натпревар од Лига на нации меѓу Македонија и Еремнија, селекторот на нашата најдобра репрезентација, Игор Ангеловски и репрезентативецот, Стефан Ристовски изразија оптимизам за новиот почеток од натпреварувањето и подготвеност да се запише победа против незгодниот противник.

–  Имав можност да видам каква е формата на моите фудбалери и добив слика како треба да изгледа тимот кој ќе ни донесе посакувани резултати. Се обидов да го анализирам системот кој го користи ерменскиот селектор. Мислам дека имаме квалитети да бидеме екипата која ќе се прашува за многу работи на мечот. Сакам да доминираме и да ја контролираме играта. Утре нема да настапи Тричковски бидејќи не го издржа последниот тренинг. Се надевам дека за Грузија ќе биде подготвен. Одиме од натпревар во натпревар за да ја оствариме целта и да се пласираме на Европското првенство, изјави Ангеловски.

–  Распоредот е густ, но немаме многу причини да бараме алиби. Што е тука е. Нè чека нов циклус во Лигата на нации кој ќе се одигра во посебни услови предизвикани од коронавирусот. Сите се сеќаваме на последниот пораз во Ереван и тоа ни е мотивација да одиграме подобро на овој натпревар на домашен терен. Недостатокот на публика ќе биде проблем, но досега се навикнавме да играме во новите услови, истакна Стефан Ристовски.

Натпреварот Македонија – Ерменија се игра утре од 15:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“.