29/03/2024
Спорт

Ангеловски: Последниот меч за Пандев е дополнителен мотив за нас

Игор Ангеловски, селекторот на македонскиот национален тим, на официјалната прес-конференција во Амстердам му се заблагодари на Горан Пандев, и нагласи дека неговиот последен меч треба да биде мотив плус за добар резултат на националниот тим.

Селекторот истакна дека после ЕУРО ќе разговара со челницте на ФФМ за евентуално нов договор.

„Мојот договор завршува до крајот на месецов. Сакам да искажам едно огромно благодарам до Горан Пандев и сите момци што овозможија настап на големо натпреварување. Запишавме историја за македонскиот фудбал и го постигнавме најголемиот успех, и горд сум на тоа. За иднината ќе разговараме после Евроското првенство“, кажа Ангеловски.

Ангеловски рече дека не се согласува со пишувањата дека имало импровизации со составот, и дека можеби нешто ќе менува, но сигурно е дека Горан Пандев ќе игра утре во Амстердам, и дека фудбалерите за негово збогум ќе дадат се од себе за добар резултат.

„Не можам да се согласам дека сме имале импровизации со составот. Со Ристовски како стопер или Николов на десната страна ја победивме Германија, одигравме нерешено со Италија, реми со Словенија, и уште многу позитивни резултат. Со Холандија можеби ќе менуваме нешто. Со најавата за повлекување на Горан од репрезенатцијата, имаме мотив плус за позитивен резултат. Горан чувствуваше повреда на мечот со Украина, но го одигра со две инјекции, не тренираше, но утре ќе игра. И верувам дека сите ќе играат за него“, вели Ангеловски.