28/03/2024
Спорт

Ангеловски: Среќни сме што сме во финале, но не планираме да застанеме таму

Македонската А репрезентација денеска ги започнува подготовките за натпреварот против Грузија на 12. ноември во Тбилиси за пласман на Европското првенство. Селекторот на нашата најдобра репрезентација, Игор Ангеловски се соочува со одредени проблеми во однос на фудбалерите кои се на списокот за настап (Божиновски, Адеми, Ристевски), но се надева дека со пристигнувањето на сите играчи ќе се надмине неизвесноста во однос на настапот на играчите и подготвени ќе ја дочекаме големата пресметка. 

– Од фудбалерите кои пристигнаа во репрезентативната база, за жал, Даниел Божиновски е позитивен на Ковид-19 и нема да биде во комбинација за овие натпревари. Денеска го очекуваме пристигнувањето на Кире Ристевски кој треба, исто така да има негативен тест за да може да се стави на располагање. Аријан Адеми ќе оди на детални медицински прегледи откако пријави повреда здобиена на загревање пред вчерашниот натпревар на Динамо. Јас се надевам дека нема да имаме дополнителни проблеми по пристигнувањето на останатите фудбалери и подготвени ќе ги започнеме планираните тренинзи, изјави селекторот Ангеловски. 

Во однос на противникот и очекувањата од дуелот на Динамо арената во Тбилиси, нашиот предводник е јасен:

– Знаеме против кого играме, знаеме за што играме. Треба да бидеме максимално сконцентрирани, мотивирано да го одиграме натпреварот и да го добиеме за конечно да се пласираме на Европското првенство. Ова е натпревар кој навистина носи посебни емоции бидејќи имаме шанса на фудбалска Македонија да и донесеме пласман на Европско првенство. Со позитивните резултати кои ги остваривме се донесовме во таква ситуација, среќни сме што сме дел од ова финале, но не планираме тука да застанеме. Ова е потполно нов натпревар во однос на нашите два меѓусебни меча, ова е финале, двете репрезентации ќе влезат различно во дуелот во кој очекувам да решаваат нијанси, а тие да бидат на наша страна, изјави Ангеловски