29/03/2024
Охрид

Антологијата на песни „Дојди во Охрид“ промовирана на Меѓународниот семинар за македонски јазик

Вчеравечер во рамки на програмата на 52. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, кој во организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се одржува во Охрид, беше организирана промоција на првата антологија на песни за Охрид „Дојди во Охрид“.

Во рамки на промоцијата, во името на општината се обрати заменик градоначалникот на Охрид, Ристо Николески.

–  Охрид е град на древните цивилизации, духовната традиција и извор на словенската писменост, кој надополнет со прекрасната природа и убавините на Охридското Езеро, претставува најиделаното место за одржување на ваков вид на настани.  

Особено не радува фактот што оваа година во рамки на Програмата на семинарот е превидена промоцијата на првата антологија на песни за Охрид „Дојди во Охрид“ која беше издадена со поддршка на нашата општина.

Во рамки на ова издание, нејзините автори Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски имаат направено прекрасен поетски мозаик, посветен на градот на писменоста, на езерото, на поднебјето и на охриѓани.

Во антологијата се поместени песни од 90 поети од кои 30-тина се познати поетски имиња од странство. Се надевам дека преку стиховите од оваа антологија уште поблиску ќе го запознаете Охрид и ќе ги почувствувате сите негови убавини, истакна Николески.

На промоцијата се обрати академик Ала Шешкен, а промотор на антологијата беше проф. д-р Димитрија Ристовски.

Антологијата на песни „Дојди во Охрид“ беше за прв пат промовирана во рамки на минатогодишната програма за одбележување на Патронот на Охрид, Свети Климент Охридски.