Антон Ледерер со предавање во МСУ

Вечерва од 20 часот во Музејот на современа уметност предавање ќе одржи Антон Ледерер, коосновач на Ротор – Центарот за современа уметност во Грац, Австрија. Настанот е во соорганизација со Проектниот простор „Прес ту егзит“…

Во своето предавање, Антон Ледерер (47) ќе се фокусира на прашањето за институционалните стратегии: Каква уметност сакаме да презентираме и да произведуваме, и, кому сакаме да му се обратиме преку нашите културни активности? Многу уметнички институции и иницијативи се соочуваат со истата ситуација: добро информирана, но релативно мала посетеност освен од експерти и љубители на уметност.

Антон Ледерер ја следи идејата дека уметничката продукција која е поврзана со личните животни околности на луѓето и ги допира прашањата на денешното општество, може и треба да предизвика поголем интерес во јавноста.

Визуелна уметност е појдовна точка на Ротор – Центарот за современа уметност во Грац. Нивните програми се со акцент на уметничката продукција која првенствено се занимава со социјални, политички, економски и еколошки прашања на современието. Освен тоа, јавниот простор е од големо значење за активностите на Центарот, во кој може да се направи уметноста да ги остави зад себе институционалните ограничувања и активно да се ангажира да ја прошири публика и критичкиот дискурс.