29/03/2024
Македонија

Април со разновидни настани низ земјата, се одбележува Светскиот ден на книгата и авторското право

Културните установи низ Македонија во месец април нудат разновидна програма, вклучувајќи настани за Светскиот ден на книгата и авторското право и читање на пораката од УНЕСКО и македонската порака во библиотеките во земјава…
 
Во НУ Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола на 2 април, фондацијата „Чекор по чекор“  и „Сумнал“ – здружението за развој на Ромите заеднички го одбележаа 2 април  -Светскиот ден на книгите за деца и 8 април –  Меѓународниот ден на Ромите. По тој повод беше промовирана и кампањата „Прочитај ми сказна за да го разберам светот”, за популаризиција на читањето книги кај ромските деца од најмала возраст.

По повод одбележување на големиот христијански празник Велигден, на 5-ти април во холот на библиотеката се реализира пригодна програма насловена „Велигденско патување“. На 14 април во 10 часот ќе биде промовирана книгата „Чудесните светови на Алиса“од Мерсиха Исмајлоска. Драматизација по текстот ќе подготват  учениците од ОУ „Даме Груев“.  По повод Светскиот ден на книгата и авторското право, а  во соработка со здружение на уметници ракотворци македонски ракотворби – Битола  на 19 април од 12 часот ќе се изработуваат букмаркери. На 23 април, пак, со читање на пораките од УНЕСКО и македонската порака во средните училишта во Битола и подарување на книги ќе биде одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право.

Тетовската библиотека по повод 23 април – Светскиот ден на книгата традиционално во просторориите на Домот на културата ќе ги додели наградите за најдобрите дела на „Литературен конкурс за најдобри поетски творби“ на македонски и албански јазик.
Светскиот ден на книгата и авторското право ќе биде одбележан и во библиотеката  „Гоце Делчев“ во Штип. По тој повод ќе биде организирано литературно читање,  Саем на книги на дела од едициите  „135 тома македонска книжевност“ и „Ѕвезди на светската книжевност“, а ќе биде распишан и меѓуопштински литературен награден конкурс за песна и краток расказ на тема „Библиотеката храм на мудроста“.
 
nub_
 
Во библиотеката  „Григор Прличев“ од Охрид на почетокот на месецов беше промовирана книгата со брзозборки, „Збороигри 2“ од Славе Ѓорѓо Димоски, наменета за деца од предшколска возраст и ученици од прво до четврто одделение. На 13 април во 12 часот пак, ќе биде презентирано творештвото на поетесата Душка Мушиќ од Република Хрватска. Во 12 часот на 16 април во просториите на библиотеката ќе биде реализирана активност насочена кон негување на читателската култура насловена „Подари и размени книга“, а на 23 април ќе одржи презентација на тема „Читачки навики“, на која ќе бидат прикажани резултати од анкетното истражување спроведено од страна на група студенти од универзитетот ФОН во Струга.
 
Репертоарот на киното во Центарот за култура во Битола во месец април изобилува со европски филмски наслови за возрасни и анимирани филмови за деца, а на 25 април во 20 ч. ќе се одржи и претпремиера на големиот филмски хит на Марвел „Одмазници: Војна на бесконечноста“. Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ на 16 април со почеток во 20 ч., ќе го одржи традиционалниот Велигденски концерт, а на 22 април во истиот термин концерт ќе одржи битолскиот  Камерен оркестар.
 
Од областа на сценско-музичката дејност во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп,  ученици од класата на Христина Никоска концерт ќе го одржат на 13 април. На 10 и 11 април во големата сала Милан Секуловски  ќе ја изведе  монодрамата „Пофалба на лудоста“. Учениците од  гимназијата „ Мирче Ацев “ на истата сцена  на 12 април ќе ја изведат камерна претстава „La linea“  ( Линија ), додека на 15 април ќе биде реализирана стенд-ап комедија со Никола Тодороски.Од областа на ликовната дејност во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп во тек е изложбата на дела од Струмичката ликовна колонија. На 13 април ќе биде поставена изложбата  од уметничката Јасмина Руневска, а на 27 април изложба на дела од Анита Сотироска.
tanec-
Охриѓани овој месец ќе можат да уживаат во повеќе фолклорни концерти кои ќе се одржат во Центарот за култура „Григор Прличев” каде на 17 април со свој концерт гостува и ансамблот „Танец“. Од 26 до 28 април пак најмладите ќе можат да се забавуваат со детските песни од фестивалот „Распеано рибарче“.
  
Во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица  се реализираше концерт на клавирското дуо Хајди Елзесе и Ненад Леќиќ, а на 27 април ќе биде отворена изложбата на дела на уметникот Никола Трајков.
 
На платото пред Центарот за култура „Кочо Рацин“ – Кичево, се одржа промоција на музичкиот албум на групата „Каин“, а на 9 април  е традиционалниот Велигденски концерт . За 13 април во оваа установа е закажана промоција на книгата „Кичево и Кичевско 1893- 1903“. Хуманитарните концерти на Црвениот крст за децата со посебни потреби на здружението  „Надеж“ ќе се одржат на  16-ти и 20-ти април. Во ликовната галерија на центарот  за 27 април во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Москва денес“.
moskva_denes
 
Во изложбениот простор при Центарот за култура–Крива Паланка на 12 април ќе биде отворена изложбата „ Скици 2017 “ на која ќе бидат претставени 24 цртежи од 15 македонски автори. На 23 април во просториите на Градската библиотека при Центарот за култура по повод Светскиот ден на книгата ке се органзира „ Саем на книга“ на издавачката куќа „Мартина“ од Скопје , додека  „Извадок од драмски текстови во монолошка форма“ во изведба на актерот Елизабета Стефановска во центарот за култура ќе се одржи на 25 април.

Националната установа „Археолошки  локалитет  Стоби“ на почетокот на месец април започнува со реализација на проектот за конзервација на мозаикот и камената пластика од крстилницата на Епископската базилика во Стоби, проект финансиран од амбасадорскиот грант на амбасадата на САД во Р. Македонија. На средината на месецот ќе започнат археолошките ископувања на Храмот на Изида и Серапис, а во истиот период ќе започне и реализацијата на проектот за археолошко доистражување, конзервација и реставрација на античкиот театар од Стоби.

stobi_1